Во текот на вчерашниот ден (05.04.2016 година) Регулаторната комисија за енергетика до Макпетрол АД Скопје достави Заклучок со кој, спротивно на законот, за една година го продолжи рокот на постапката за продолжување на Лиценцата за Складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт. Заклучокот на Регулаторната комисија, освен што е незаконски, има и елементи на присила, бидејќи Регулаторната комисија го продолжи важењето на постоечката лиценца на Макпетрол АД Скопје за уште една година, без Макпетрол да побара такво нешто.
Имено, Макпетрол АД Скопје уште на 28.12.2015 година поднесе писмено барање до Регулаторната комисија за енергетика со кое ја извести дека ги повлекува барањата за продолжување на лиценцата за Складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт. Со тоа, јасно ставивме до знаење дека го повлекуваме барањето за продолжување на постоечката лиценца, издадена во 2005 година, кое го поднесовме на 10.07.2015 година.
Регулаторната комисија воопшто не се изјасни во однос на нашето барање за прекинување на постапката, иако има законска обврска тоа да го стори во рок од 8 дена. Макпетрол АД Скопје е убеден дека продолжувањето на рокот на постапката за една година е апсурдно и спротивно на законот, и компанијата е подготвена тоа да го докаже и пред релевантните домашни и странски инстанци. Регулаторната комисија за енергетика со вчерашната одлука и наложува и ја присилува компанијата да врши дејност за која Макпетрол АД Скопје нема законска обврска.
Решението на Регулаторната комисија, со кое на Макпетрол АД Скопје му се наложува да продолжи да ја врши дејноста, и нанесува директни финансиски штети на компанијата, кои произлегуваат од складирањето на државните резерви на нафта. Македонија е една од ретките земји во Европа во кои државата не им плаќа никаков надоместок на компаниите кои ги складираат и се грижат за државните резерви на нафта и нафтени деривати.
Макпетрол АД Скопје информира дека ќе ги преземе сите правни дејства за оспорување на заклучокот на Регулаторната комисија за енергетика, со оглед на тоа што компанијата уште во декември минатата година се повлече од постапката, што е и писмено потврдено во вчерашниот допис од самото регулаторно тело.
За сите незаконски акти на Регулаторната комисија, како што е непочитување на законските рокови и незаконската обврска која и се налага на Макпетрол, компанијата ќе покрене постапки против одговорните лица во Регулаторната комисија за енергетика пред надележните домашни и меѓународни органи и институции.
Со почит,
Макпетрол АД
