Ниту претседателот на ДИК Чичаковски, ниту пак членовите на комисијата не сакаат јавно да зборуваат до каде е прочистување на избирачкиот список, пренесува Тв21.

Од службата за односи со јавност информираа дека медиумите навреме ќе бидат известени кога ќе има целосна информација за јавноста. Како што се дознава, членовите на ДИК, имаат спротивставени ставови околу методологијата за проверка на оние 40.000 спорни гласачи кои не биле најдени дома при теренската проверка.
Комисијата, сепак на крај одлучила овие гласачи да бидат повторно проверени со вкрстени проверки со институциите. Според членот на ДИК Реџеп Прекопуца работите биле при крај, а роковите ќе се запазеле и до 15 април ќе се финализираат резултатите од теренската проверка. Прекопуца, во емисијата 10 минути истотака рече дека ДИК има административни и технички капацитети да ги спроведе изборите.
„За оние спорни 40.000 гласачи повторно треба да се обратиме кај институциите. Откако ќе ги внесеме во системот, ќе ги разгледаме повторно и резултатите од теренската проверка. Се надевам дека за два до три дена ќе завршиме и со тоа.“, рече Прекопуца.
Се уште се чека МВР целосно да ги заврши дополнителните проверки за вкупно 72 илјади гласачи за кои има сомневање за основата на издавање лични карти или пасоши. Засега е сигурно само дека ќе се избришат 1129 гласачи за кои се утврдило дека се починати, а ги имало на избирачкиот список.