Министрите и дополнителните заменици-министри на СДСМ во Владата ги потпишуваат решенијата и одлуките во рамките на секојдневните обврски, но ниту тие ниту од нивните кабинети не кажуваат дали по поднесувањето на оставките на функциите доаѓаат на работа.
Од МВР за „Мета“ денеска не можеа да потврдат дали Спасовски доаѓа на работа и дека ќе мораат да проверат. Но, како што ни рекоа од Секторот за односи со јавност, тој ги потпишува решенијата и одлуките, како што тоа претходно го кажа Заев.
– Тоа е точно и може слободно да се повикате на таа (на Зоран Заев н.з.) изјава – ни одговорија од МВР.
Министерот Спасовски денеска, како што соопштија од МВР, бил да го посети полицаецот кој вчера беше потешко повреден во инцидентот на јужната граница и е задржан на лекување во Ургентниот центар во Скопје.
Ниту, дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски не сакаше експлицитно да одговори на прашањето дали оди на работа.
– Ние ги потпишуваме сите одлуки кои се неопходни за функционирањето на граѓаните – изјави Николовски.
Стабилно без нереди- Ситуацијата на македонско -грчката граница под целосна контрола
Одговор дали министерката за труд и социјална политика Фросина Ременски доаѓа на работа побаравме и од Жаклина Величковска, раководител на секторот за односи со јавност. Најпрво и се јавивме на телефон и ја прашавме дали министерката доаѓа на работа, а таа ни рече дека не можела да одговори и да и пратиме мејл. Откако поминаа неколку часа по испратеното прашање, а ние немавме одговор, повторно и се јавивме.
– Да точно е, не ви одговорив на прашањето и нема да ви одговорам се додека јас не го добијам одговорот. Немам друг коментар, ни рече Величковска.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во четвртокот, минатата недела на прес-конрефенцијата на која соопшти дека се формира широк граѓански фронт против власта на Никола Груевски, изјави дека министрите на СДСМ се заробени и принудени да останата во институциите бидејќи не можат да ги игнорираат своите должности кон граѓаните.
– Треба да знае македонската јавност дека министерот Оливер Спасовски и министерката Фросина Ременски не можат да си дозволат непочитување на законот. Еве го доаѓа судењето за „Диво насеље“, само Оливер Спасовски е овластен за специјалните единици, не може тој да не го потпише тоа, или 47 илјади граѓани ја чекаат социјалната помош. Нема да дозволиме да патат граѓаните од ваквата еднострана одлука на Груевски и на ДУИ. Но, сето она коешто е поврзано со изборниот процес којшто веќе е некредибилен и е надвор од пржинскиот договор, тие нема да учествуваат во тоа. Правиме правни напори како да ги извлечеме луѓето на опозицијата од Владата – рече Заев.
