Во најновиот годишен извештај на Фридом хаус „Земјите во транзиција 2016“ единаесет земји забележаа пад на демократијата.

Македонија има пад во шест од седумте категории што се мерат во извештајот. Земјава забележа надолен тренд поради натамошни откритија за тешки неправилности на изборите во 2014 година, што предизвика бојкот на опозицијата во парламентот, како и новите информации поврзани со скандалот со широкиот владин надзор на политички и верски лидери, новинари и граѓани.

Во извештајот на Фридом хаус се оценува дека и покрај обвинувањата за местење на изборите, корупција и измами што предизвикаа најголеми протести во Македонија во изминативе неколку години, поранешниот премиер Никола Груевски го развлекува спроведувањето на договорот за реформи, постигнат со посредство на Европската унија и се чини дека, како што се наведува, најверојатно ќе се врати на власт преку предвремени избори закажани за јуни.
„Во Македонија, имате најчист пример сега на Балканот за државна контрола на партијата ВМРО-ДПМНЕ која беше во можност во текот на еден период од неколку години да ја намали границата меѓу партијата и државата, така што партијата ги сврти државните институции: средствата за јавно информирање, услугите на обвинителството, функционирањето на тајните служби во механизми, за промовирање на своите интереси и за обезбедување на нејзината моќ“, вели Нејт Шенкан, директор на проектот „Нации во транзиција“.
Оценка за слободите во Македонија е три ипол, за политичките права: четворка, а за граѓанските слободи: тројка.