Специјализанти: Програмата за кофинансирање НЕ реши и НЕМА да реши кадровски дефицити

од desk3
118 прегледи

 

Специјализантите со реакција за прес конференцијата на Министерот за здравство .Реакцијата ви ја пренесуваме во целост:

lekar

Почитувани,

Министерот за здравство продолжува со популистичка пропаганда на грбот на специјализантите. Сега, кога првиот конкурс за кофинансирање на приватни специјализанти е завршен и додека Министерот во очи на предизборие помпезно најавува нов конкурс, ние можеме да ги сумираме резултатите и да извлечеме првични заклучоци за (не)успешноста на оваа реформа.

1. Програмата за кофинансирање НЕ реши и НЕМА да реши кадровски дефицити. Иако целта и на првиот конкурс за кофинансирање на приватни специјализанти беше да се постигне “балансирана дистрибуција на специјалисти на територијата на целата држава” конечниот исход покажува дека програмата со првиот оглас не ја постигнала својата цел: за 200 слободни места аплицирале 158 кандидати, примени се само 90 од кои половината во Скопје, а дискутабилно е и колку од овие примени кандидати ќе ги прифатат условите на лихварскиот договор преполн со уцени и казни кој Министерството за здравство го нуди. За повеќе од половина слободни места во внатрешноста, каде и беше главната интенција за пополнување на кадаровски дефицит, ефектот е – нула заинтересирани кандидати. Неминовен е заклучокот дека министерството работи без јасен план и стратегија, недомаќински и без грижа за потребите, статусот и достоинството на лекарите специјализанти.

2. Програмата за кофинансирање НЕ ги решава проблемите на специјализантите. Со затворањето на конкурсот за кофинансирање повеќе од 500 приватни специјализанти и понатаму нема да земаат ниту денар плата, нема да имаат платени дежурства, ниту ќе имаат надеж дека некогаш ќе бидат платени за својот труд. 500 семејства ќе трпат и од месец во месец ќе запаѓаат во се поголеми долгови. Министерот ги повикува младите да се мотивираат да студираат медицина и распишува конкурс за запишување на нови 100 кофинансирани приватни специјализации, наместо да го реши проблемот со вработување на овие 500 приватни специјализанти кои секојдневно во клиниките и болниците бесплатно активно работат и спасуваат животи.

3. Министерството за здравство на конкурсите за кофинансирање на приватна специјализација врши дискриминација во однос на правото за конкурирање, селекција и рангирање на кандидатите кои се јасно утврдени во чл.150г од Законот за здравствена заштита. Според законот на конкурсите право имаат да конкурираат СИТЕ приватни специјализанти и СИТЕ невработени општи лекари со тоа што во конечното рангирање лекарите со статус специјализант во однос на општите лекари имаат одреден број бодови предност. Сепак, Министерството објави два различни конкурси со различен број на слободни места, при што на првиот конкурс не им дозволи да конкурираат на општите лекари кои сакаат за запишат специјализација, а на тековниот конкурс не им дозволува да конкурираат на веќе запишаните приватни специјализанти со што врши дискриминација и директно го крши чл.150г.

Министерот за здравство во текот на својот мандат не направи ниту еден сериозен чекор за решавање на проблемите на специјализантите иако во јавност тоа цело време го нагласува, затоа упатуваме АПЕЛ до сите политички партии да водат сметка и да почнат да се грижат за оваа категорија лекари. Следниот министер за здравство, без оглед од која и да е партија, ќе ги добие во наследство сите овие проблеми за чие решавање ќе мора да се нафати веќе во првите денови од неговиот мандат, затоа тоа што револтот на лекарите специјализанти и идни специјализанти веќе го достигна својот максимум.

Лекари специјализанти и идни специјализанти – Медицински факултет, УКИМ