Иванов: Нема правна основа да ја повлечам одлуката

од Vladimir Zorba
148 прегледи

Во тек се консултации со правни експерти за изнаоѓање можно правно решение во врска со одлуката за помилување-ослободување од гонење без спроведување постапка, се посочува во денешната писмена изјава  на претседателот Ѓорге Иванов.

– Како што најавив во моето последно обраќање, а во врска со пристигнатите лични барања за повлекување на одлуката за помилување–ослободување од гонење без спроведување на постапка, во тек се консултации со правни експерти со цел изнаоѓање можно правно решение, се наведува во изјавата на Иванов..

ivanov-51260

Од досега извршените консултации со врвните правни експерти во државата, Иванов информира дека не е изнајден правен основ за повлекување на одлуката.

– Консултациите продолжуваат во насока на изнаоѓање решение. Ги повикувам и лидерите на политичките партии, потписници на Договорот од Пржино, и тие да се вклучат во овој процес и да понудат правно решение што ќе биде во согласност со Уставот и законите на Република Македонија, вели Иванов.

Како и досега, така и во иднина, посочува претседателот, ќе постапувам единствено и исклучиво, според Уставот и законите на Република Македонија.

– Во врска со протестите изјавувам дека никому не му е ускратено правото да искаже незадоволство или протест за која било одлука на која било државна институција. Но, во остварувањето на тоа право повикувам да не се нарушува јавниот ред и мир и да не се уништува приватниот и државниот имот, нагласува Иванов.

Република Македонија, како што вели, се соочувала со предизвици и кризи, но секогаш изнаоѓала решенија преку дијалог во институциите водејќи се пред сѐ од интересот на граѓаните и државниот интерес.