Сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски, кој вчера беше уапсен во Нови Сад, синоќа околу 21.30 часот бил екстрадиран во Македонија, потврдија од Министерството за внатрешни работи МВР
Неофицијално, Божиновски бил префрлен во Истражниот затвор Скопје, во населбата Шуто Оризари, а понатамошната постапка против него е во надлежност и ќе ја спроведува Министерството за правда.
Божиновски вчера беше уапсен во Нови Сад по налог на српското министерство за правда, а врз основа на меѓународната потерница која беше распишана против него во ноември 2013 година, како осомничен во случајот „Шпион“.
Ова е второ апсење на Божиновски во Србија, каде тој престојуваше неколку години. Првиот пат тој беше уапсен во ноември 2013 година во Нови Сад, по потерница преку Интерпол и помина повеќе од една година во екстрадициски притвор, по што беше пуштен да се брани од слобода со одлука на српскиот Апелациски суд.