Директорот на УБК, началникот на секторот за организиран криминал во Скопје и началниците на СВР во Штип и во Струмица, од вчера работат спротивно од наредбите на министерот Оливер Спасовски
Хаос, пуч, безредие…Ова се зборовите со кои вработени во Министерството за внатрешни работи ги опишуваат состојбите во ресорот, откако четворица раководители на значајни позиции од вчера се „одметнале“ и спроведуваат наредби исклучиво од дополнителниот заменик-министер Митко Чавков, а ги игнорираат наредбите од министерот Оливер Спасовски.
„Не знаеме дали се на сила натерани, но факт е дека овие четворица постапуваат така како што ќе им наложи Чавков. Веќе нема ни ред, ни поредок. Каква хиерахија, какви правила? Владее тотален хаос. Состојбите во МВР се многу тензични и повеќе од ризични“, коментираат вработени, кои вчера не можеле да пристапат до своите работни места. Ги дочекале сменети брави на вратите, откако претходно во нивните канцеларии насилно влегле новоименувани лица од страна на заменикот – министер Чавков, со цел да се тргнат оние кои со решенија биле назначени од министерот Спасовски. На дел од вработените по наредба на Чавков им биле блокирани и картичките за влез во кругот на МВР во Скопје.
Во МВР, во „централата“ на ресорот први,се одметнале директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Љупчо Андоновски и началникот на секторот за организиран криминал Зоран Глигоров. Наредбите на Чавков биле спроведени и од началниците на Секторите во знатрешни работи (СВР) во Штип и во Струмица, кои од вчера исто така работат спротивно од наредбите на министерот Спасовски.
Од вчера последиците се видливи и исклучително загрижувачки, коментира поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов.
„Во МВР, само министерот има уставни и законски надлежности да раководи со оваа витална институција која извршува исклучително сложени безбедносни задачи. Обидите на Владата да го презеде МВР преку Митко Чавков ќе придонесе за нарушување на хиерархијата, за внатрешни поделби, како и за директни конфронтации помеѓу вработените. Ваквата состојба негативно ќе влијае и на стабилноста на државата. Одговорноста паѓа на министерот, кој мора во корен да ги сосече сите обиди за насилно влегување во канцеларии, за забрана за влез на припадници на МВР на нивните работни места и т.н. За хаосот што сака да го наметне Владата, треба да се информира и јавноста, која е силен гарант за да се спречи хаос со несогледливи последици. Верувам и дека вработените се длабоко одговорни и свесни колку е важно оваа институција да функционира ефикасно, во интерес на граѓаните и државата“, предупредува Трајанов.
(ВИДЕО) Спасовски: Нема да дозволам двовластие во МВР, јас сум министер
Информациите ги потврди и министерот Оливер Спасовски кој нас прес конференција за ваквите хиерархсии нарушување најави законски мерки и интервенција:
„Последните два дена директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Љупчо Андоновски и државниот секретар во МВР Анастасија Илиеска надвор од законските надлежности, посочи Спасовски, издаваат усни наредби на потчинетите за одземање на канцелариите, сменување брави, исклучување на картици на дел од вработените чии решенија Владата ги поништи, посочи Спасовски
Наредбите не биле почитувани во Секторите за внатрешните работи во Штип и Струмица, како и во Одделот за организиран криминал и во Управата за безбедност и контраразузнавање. Во таа насока, вчера наутро Спасовски свикал состанок, но се појавил единствено директорот на Јавна безбедност Горанчо Савовски. Со тоа, нагласи Спасовки, покажуваат дека откажуваат послушност во делот на хиерархиското работење, поради што најави дека ќе преземе мерки врз основа на законските решенија.
– Не сакам во ниту еден момент работите кои треба да ги извршам и се моја надлежност, да не ги извршувам се со цел да се загрозува безбедноста на граѓаните на РМ и правам максимално напори за комуникација за работите да бидат стабилни, рече Спасовски.
