Регистриран е прв случај на болеста „чвореста кожа“ кај говедо во Република Македонија, информираше денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски.
– Болеста не е типична за овој регион, но, за жал, и покрај будното следење на состојбата, на 18 април годинава е регистриран првиот случај и кај животно во Македонија, во Демир Капија. Не се пренесува од животни на луѓе, но е многу опасна кај говедата бидејќи може да предизвика големи економски штети – рече Поповски.
Тој вели дека инкубацијата на болеста трае две до три недели, а симптомите се зголемена температура над 40 степени, апатичност на животните, исцедок од носот и устата, не конзумирање храна редовно и пад на млечноста.
– Болеста е лабораториски потврдена на 21 април по земените примероци и извршената анализа во Бугарија, од едно говедо кај едно домаќинство во Демир Капија, во местото Чифлик. Станува збор за вирус и болеста се пренесува преку вектори, односно преку каснување од комарци и муви, но може да се пренесе и преку директен контакт на самите животни и преку храна и вода – вели Поповски.
Со цел сузбивање и спречување на ширење на болеста, животното е убиено и отстрането исто како и животните кои биле во контакт со него./извор Мета
