Во Србија останува речиси се‘ по старо, партијата на Александар Вучиќ третпат во четири години стана најсилна во Парламентот. Опозицијата останува немоќна, смета Драгослав Дедовиќ за DW.
Александар Вучиќ калкулираше дека луѓето на изборите ќе ја потврдат неговата политичка надмоќ и дека ќе му подарат поголем маневарски простор. Првите резултати на вонредните парламентарни избори покажуваат дека воглавно, сметката му беше точна. Тој веројатно ќе ја прошири власта и на Војводина, а неговото апсолутно мнозинство на државно ниво веќе не е под прашање.
Додуша, тој и во 2014 година можеше самостојно да формира влада, но ги избра Социјалистите. Во коалиција човек може себе си да си ги припише заслугите, а на другиот грешките, па коалицијата со нешто ослабените Социјалисти и овојпат е веројатна.
Ивица Дачиќ е успешен, зашто не загуби премногу проценти. Тој ќе остане скромен во коалициските преговори, зашто е доволно искусен да сфати колку му падна пазарната цена. Моќен е оној кој може слободно да бира, а таа слобода пак ја има само Вучиќ.
Шешељ не е опасен за Вучиќ
Војислав Шешељ, кого многумина во националистичкиот спектар го гледаа како Свети Ѓорѓија кој го прободува хашкиот змеј, не успеа да го преточи медиумското внимание во двоцифрен резултат. Меѓутоа, и овие осум проценти се доволни за во Собранието да ја врати познатата мешавина од несолени шеги и вербални испади. Но, тој не може да биде опасен за Вучиќ. Дури, во добра мерка тој е корисен за премиерот, како предупредување до Запад и до регионот, дека единствено валада на чело со Вучиќ е гарант на европска Србија.
Опозицијата, составена од изненадувачки виталниот Радуловиќ и плејада потрошени политичари настанати со цепење на Демократската партија, останува немоќна. Мала бара – полно крокодили. Таа немоќ не може да се објасни единствено со доминацијата на Вучиќ. Неспособноста да го сфатат потенцијалот на политичка синергија, да го зауздаат сопствениот хипертрофиран его и да се договорат за заеднички настап, повторно се покажа како најголем сојузник на нивниот политички противник – сеприсутниот премиер. Владата која има таква опозиција, не мора да се грижи за иднината.
Целата анализа можете да ја прочитате тука
