Неколку стотини граѓани денеска по 15. пат неформално се собраа на протест пред Специјалното јавно обвинителство. Иако граѓанската иницијатива „Протестирам“ за денеска не закажа протест, сепак граѓаните спонтано дојдоа да го искажат својот револт против одлуката на претседателот Иванов да помилува политичари и ниви блиски соработници.
Протестот се одржа само пред просторите на СЈО, а дел од граѓаните и активистите на мегафон ги искажаа своите причини зошто протестираат.
Граѓани спонтано се собираат на протест пред #СЈО #протестирам #п #ШаренатаРеволуција pic.twitter.com/vYJ79TTbQq
— META.mk (@meta_agency) April 28, 2016
Активистката Билјана Гинова рече дека поттик за протести „Секој ден во 6“ е одлуката на Иванов за аболиција, но причина е револтот којшто секој го има поради неправдите од оваа власт.
– Притворот на нашите соборци им е продолжен од 8 на 30 дена. Јасно е дека сакаат да не заплашат и сакаат да не спречат да излегуваме на протести, но ние со тоа што сме на улица сме фактор во решавањето на кризата и мора да продолжиме – рече Гинова.
Миша Поповиќ од Институтот за демократија (Социетас цивилис) рече дека протестира против корупција затоа што со корупцијата осиромашуваме, а други со нашите пари ја купуваат нашата држава.
– „Протестирам“ за мене значи состојба на умот а не само „Секој ден во 6“. Една врхушка ни ја зароби оваа држава и не им служи повеќе на граѓаните, туку работи во корист на сопствените интереси – рече Поповиќ.
Со извиците „Слобода“, „Нема да им помине“, по речиси два часа, мирно заврши собирот пред СЈО./извор Мета