Почнуваат затворски протести во и пред сите затвори во Македонија

од Vladimir Zorba
108 прегледи

Повеќе од 2.000 осуденици и притвореници , во повеќе затвори во државава, денеска напладне го  започнуваат затворскиот  протест-штрајк    На нив, според најавите, ќе им се приклучат и нивни роднини и пријатели кои  со протест ќе излезат  пред вратите на затворите.

затворШтрајкови и протести се најавени во затворот „Идризово“, Штип, Тетово, Куманово, Прилеп и Битола, како и во истражниот затвор „Скопје“ во скопско Шуто Оризари.  За протестите потврдува и скопскиот адвокат Звонко Давидовиќ, кој информираше дека до него биле испратени 2.210 барања од осудени лица кои бараа претседателот Иванов, со одлука, да им ги намали затворските казни за 30 до 50 отсто.

„Јас како адвокат ги проследив барањата на овие луѓе до претседателот Иванов. Сметам дека нивните барања не се неразумни, ако се знае дека тој одлучи да аболира високи државни функционери за тешки кривични дела. Одговорот на Иванов, испратен најпрво до 105 жени осуденички, беше негативен. Давидовиќ по писменото  барање до Претседателот, вели дека во вакви услови на селективна правда, нема да биде мал бројот на оние кои  ќе штрајкуваат.“

Давидовиќ не предвидува колку штрајкот ќе трае, но ја остава отворена можноста ако ништо не се промени, тој да премине во друга форма на незадоволство.

Вакви најави пред неколку дена дадоа и самите затвореници – тие посочија дека ако Иванов не ги прифати нивните барања, штрајкот може да заостри, па дури и да се штрајкува со глад.

-„Настаните кои ќе следат не се под моја, туку под контрола на претседателот и на Министерството за правда“, вели Давидовиќ.

Осудениците  за оваа процедура му дадоа  и рок на Иванов  за ревидирање на одлуката, а тој рок истекува токму денеска. Сепак од кабинетот на претседателот Иванов молк. Нема став ,ќе има ли промена во неговиот став или останува  да не даде никакво помилување за затворениците  кои со петиција побараа намалување на казните за 30 до 50%, поттикнати токму од   општата аболиција на Иванов со која беа опфатени 56 политичари и функционери.

За затворските протести  не се огласува ниту Министерството за правда, под чија ингеренција се сите 3.156 осуденици.

Локално.мк потсетува дека проблемите со осудените лица излегоа на површина пред две недели, по одлуката на претседателот Иванов  да аболира високи државни функционери за тешки кривични дела. По ова уследија петиции потпишани од осудениците и барања за скратување на нивните затворски казни.