Во пристапот кон Русија НАТО се обложува на разбирањето со Москва и истовремено го зајакнува присуството на источното крило. Така еден чувствителен регион како Црно Море станува поле на активности со опасни последици-пишува DW.

Пред година и пол, рускиот претседател Владимир Путин ја прокламира во Сочи на Црното Море својата надворешна политика. На билборд зад него можеше да се прочита лајт мотив на оваа надворешна политика: “Светскиот поредок – по нови правила или игра без правила?”
Путин одговори недвосмислено на ова прашање: Русија сака да ги одредува новите правила во светскиот поредок на еднакво рамниште со САД. Кон тоа спаѓа и правото на Русија да ја одредува надворешно-политичката ориентација на земјите меѓу своите граници и НАТО. А освојување на полуостровот Крим во март 2014 година покажа дека Русија е подготвена да користи воени средства и да менува граници. Во 2015 година токму од црноморскиот полуостров Крим тргнаа и бродовите за подготовка на воената операција во Сирија. А тоа дека таа се покажа ефикасна, само уште еднаш покажува дека Москва сака да го промени сегашниот статус кво во областа на политиката за безбедност. И НАТО треба да даде решителен и долгорочен одговор на тоа.
Шокантна студија: Во САД и Европа не знаат за одлучувачката улога на СССР во поразот на хитлерфашизмот
Иако Русија и НАТО се конкуренти и речиси немаат допирни точки во интерпретацијата на настаните, тие имаат и заеднички интерес: и двете страни не сакаат да се доаѓа до директна конфронтација. Сведоштво за тоа е и априлската средба на советот НАТО-Русија – првата од средината на 2014 година. Истовремено НАТО се враќа кон тактиката за одвраќање. Или како што вели литвански министер за надворешни работи Линас Линкевичус: “Русија може да биде страшна само со воено присуство”.
Тактика на меѓусебното одвраќање
На самитот во јули во Варшава, НАТО ќе донесе одлука за зајакнување на военото присуство во источноевропските земји-членки на Алијансата. Се подготвува испраќањето на тенковска бригада во регионот. И бидејќи за овој дел се предвидува ротација меѓу одделни земји во регионот, НАТО смета дека одлуката не е спротивна на основниот акт НАТО-Русија од 1997 година. Во него се вели дека во земјите од поранешниот советски блок “не може да се стават долготрајно дополнителни борбени единици, туку само засилувања за одбрана или во случај на закана од агресија.” Или пак за потребите на мировните мисии.
Русија смета дека тоа е спротивно на договорот и веќе објави дека ќе ја зголеми борбената моќ на западната и јужната граници.
НАТО-вската црноморска флота?
Москва жестоко реагираше на предлогот на Романија за создавање на Црноморската флота на НАТО во Црното Море. Русија го смета Црно Море за својот привилегирана зона на влијание – не само затоа што се граничи со него. Црното Море е врата и кон Медитеранот, затоа тоа е важно и за спроведувањето на руската блискоисточна политика. Руските поморски бази во Сирија се снабдуваат токму преку Црното Море.
Заменик-генералниот секретар на НАТО Александар Вршбоу потврди дека во моментов се водат “интензивни разговори” со земјите кои се граничат со НАТО, за тоа како нивните поморски сили да бидат вклучени во мисии на Алијансата. Украина и Грузија покажуваат особен интерес, бидејќи сметаат дека на тој начин можат да бидат врзани поблиска со структурите на пактот. Романија, Бугарија, Украина и Грузија, меѓутоа немаат големи морски флотилата што ќе ја загрозат Црноморската флота на Русија.
Рускиот амбасадор во НАТО предупреди за опасноста од другите земји од Алијансата да го зголемуваат присуството во Црното Море. Со години НАТО бродови патролираат во Црното Море или одржуваат вежби таму. Во моментов САД ги пренесуваат своите борбени единици од Варна до Батуми, Грузија, каде наскоро ќе се одржи воена вежба. На крајот на војната во Грузија во 2008 година американски фрегати се засидрувааво Батуми – со нормално вооружување и хуманитарна помош на бродот, како што тврди американската страна. Според аналитичари присуството на американски фрегати било сигнал до Русија да се повлече од Грузија – според постигнатиот со посредство на ЕУ договор.
Русија исто упатува такви сигнали и организира воени вежби во акваторија на Црното Море. Во 2014 година руски борбени авиони извршија слични маневри во опасна близина на американски бродови, како што го прават сега во Балтичкото Море.
Улогата на Турција
Како член на НАТО, Турција игра клучна улога во тежата на силите во Црното Море. Турција ги контролира Босфор, Дарданелите и Мраморното Море, а на тој начин и пристапуте кон Црното Море. Договорот од Монтро од 1936 година го регулира преминот и на воени бродови преку Босфорот. Од една страна тој го ограничува преминувањето на воени бродови на земји кои не се на Црното Море, и на тој начин ја штити Русија. Од друга страна, тој забранува на носачи на авиони на црноморски земји, како Русија, да помине низ теснеците. Ако Турција биде во состојба на војна, таа сама може да одлучува кого да пропушта низ Босфорот.
Договорот од Монтро е еден од ретките договори за безбедност, што уште се почитува во регионот. За разлика од договорот меѓу Москва и Вашингтон од 1972 година за инциденти по море / INSCA / што треба да го спречува опасното приближување меѓу борбени авиони и воени бродови.
Договорот од Монтро е силен инструмент во рацете на Турција и се држи на неговото почитување од стратешките нејзини партнери. Така на пример Турција не пропушти голем број воени бродови на сојузниците на САД во војната во Грузија, бидејќи вкупната тонажа ја надминува дозволената горна граница. Во 2014 година Русија ги обвини САД за кршење на договорот од американски воен брод. Турција вели дека бродот претрпел несреќа и затоа не можел навреме да ја напушти територијата на Црното Море.
Земјите од НАТО и Русија би требало да имаат заеднички интерес од почитувањето на договорот од Монтро. 80 години овој договор сепак стабилизира еден регион од големо стратешко значење за Источна Европа и Блискиот Исток. Една “игра без правила” во овој регион би можела да биде и многу опасна – и не само за земјите од регионот. А нови правила за светскиот поредок, какви што сака Путин, тешко можат да бидат измислени.

