Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) со претседателите на синдикалните организации од судовите во Македонија на денешниот состанок донеле заклучок штрајкот кој беше закажан за утре да се одложи за неколку дена, со цел позитивно да се одговори на барањето на Синдикатот.
– Беше констатирано дека досегашните активности преземени од министерот за правда и Судскиот буџетски совет, како и ставот на Владата на Република Македонија со кој му беше препорачано на судскиот буџетски совет преку Министерството за финансии да обезбеди финансиски средства за зголемување на надоместоците и додатоците на вработените во судовите, треба конечно да го решат настанатиот конфликт, стои во соопштението од УПОЗ.
Со оглед на тоа што Судскиот буџетски совет на седницата одржана на 6-ти овој месец го поддржа барањето на Синдикатот и донесе заклучок да се обрати до Министерството за финансии со цел тоа да постапи согласно препораката на Владата, Синдикатот на УПОЗ на денешниот состанок заклучи да даде дополнителен рок со цел да се операционализира одлуката и позитивно да се одговори на барањето на Синдикатот, штрајкот да го одложи за неколку дена.
– Доколку Министерството за финансии реши да ја игнорира препораката на Владата и ставот на Судскиот буџетски совет, тогаш Синдикатот дополнително ќе го одреди датумот за почеток на штрајкот кој ќе трае до целосно исполнување на барањето, стои во соопштението. /МИА
