НБРМ: Гошев изнесува невистини

од Vladimir Zorba
200 прегледи

Реакција од Кабинетот на гувернерот на Народна Банка на Република Македонија на интервјуто на Петар Гошев за Фактор, пренесено и на Либертас:

nbrm

Реагираме на некои делови од интервјуто на г. Петар Гошев во Фактор во кое беа изнесени невистини. Притоа, поради чувствителноста на проблематиката ќе користиме исклучиво јавно расположливи информации.

Имено, Гошев вели: „Заедно со супервизијата оценивме дека финансиски фондови не може да бидат иматели ниту на значителен дел од акциите на една банка (а тоа според Законот за банки е удел од 20% и над тоа и удел од 33% и над тоа), а уште помалку да го поседува одлучувачкиот пакет – над 50%. Ниту еден поединечен инвестициски фонд нема акции во некоја македонска банка со поголем процент од 10%. Тоа беше политиката на супервизијата на НБРМ. И таквата политика не е само во Македонија… Да заклучам: како што тогаш не му дозволивме на ваквиот, или сличен акционер да има повеќе од 10% акции во некоја банка во Македонија, тоа не би го дозволил ниту денес.”

Во овој цитат на г. Гошев има неколку неточни тврдења. Прво, целосно е неточно дека политиката на г. Гошев и на супервизијата на НБРМ била да не им се дава на инвестициски фондови стекнување учество повеќе од 10% во македонска банка. Имено, во 2007 година г. Гошев му даде согласност на инвестицискиот фонд Мајлстоун од Исланд да купи 100% од акциите на тогашната КИБ банка АД Куманово. Еден од акционерите на Мајлстоун беше фирма регистрирана на Британските девствени острови. Истата година г. Гошев му даде согласност на финансискиот холдинг Алфа фајнанс од Бугарија да купи 100% од тогашната Интернационална Приватна Банка АД Скопје. Во 2007 година г. Гошев повторно им даде согласност на EHH-Eastern Hemisphere Holding SA Melide и Gofi-Group of Finance and Investment SA да имаат по 50% од акциите на Еуростандард. Двете компании се регистрирани во Швајцарија со намена за стекнување удели во банки и други финансиски инвестиции.

Второто неточно тврдење на г. Гошев е дека и во светот е присутна политиката да не им се дава на инвестициските фондови да стекнуваат повеќе од 10% од акциите во една банка. Имено, во 2015 година Американскиот инвестициски фонд Адвент купи 80% од австриската банка Хипо Aлпе Aдриа ЈИЕ, а во април 2016 година американскиот инвестициски фонд Аполо купи 80% од акциите на втората по големина банка во Словенија – Нова Кредитна Банка Марибор. Истиот инвестициски фонд е најсериозен кандидат да ја купи и словенечката подружница на Рајфајзен банката и да ја припои кон Нова Кредитна Банка Марибор со што ќе се создаде банка од слична големина како и Нова Љубљанска Банка.

Истото се потврдува и на примерот на Инвестицискиот фонд на г. Анисур Кан за кој говори г. Гошев во интервјуто, кој во Хрватска, во Босна и Херцеговина и во Албанија поседуваше помеѓу 20% и 30% од акциите на поединечни банки во тие земји.