Со извици и свирежи пратениците од СДСМ негодуваа пред старо-новите министри Спасов и Чавков да дадат заклетва како министри. Претседаелот Вељановски ги повика да не викаат- јави Телма.
Пратениците на опозицијата потоа станаа и ја напуштија седницата на Собранието. Откако Чавков и Спасов дадоа заклетви како нови министри за внатрешни работи и труд и социјални работи, собраниската седница е прекината за да се одржат надлежните собраниски комисии за да го разгледаат предлогот за измена на Изборниот законик со кои се укинува 5-ти јуни како датум за предвремени парламентарни избори.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ- Горан Сугаревски истакна дека со ваквата одлука аболицираните криминалци повторно формираат влада.
„ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ ја туркаат Македонија во погубно сценарио и насилно ја поништуваат и техничката влада, насилно ги враќаат претходните министри. Институции во Македонија нема. Ја загрозивте иднината на РМ и ова насилие е на ваша одговорност. Вршите злодело врз граѓаните на РМ“, истакна Сугаревски.
Според Илија Димовски од ВМРО – ДПМНЕ проблем во оваа држава не е избирачкиот список, туку катастрофално нискиот рејтинг на СДСМ и нивниот страв од соочување со граѓаните и давање на легитимитетот тие да одлучуваат.