Холандија, која во моментов претседава со Советот на Европската унија, ги повикува сите страни да преземат одговорни, одлучни и инклузивни активности кои ќе ја изведат Македонија од тековната криза, стои во денешното соопштение од Холандската амбасада во Скопје во врска со актуелните политички случувања.
Министерството за надворешни работи на Холандија, се подвлекува во соопштението, целосно се придружува на изјавите дадени вчера од страна на Европската унија и САД.
– Како што се споменува во писмата упатени до лидерите на политичките партии од страна на министерот Кундерс порано овој месец, клучните чекори кои треба да се преземат се: спроведување на реформите кои ќе довдат до слободни, фер и инклузивни избори, овозможување на непречена работа на Специјалното јавно обвинителство, особено со повлекување на аболицијата на политичарите од страна на претседателот Иванов без понатамошно одлагање, се вели во соопштението од Холандската амбасада.
Гарет: Договорот од Пржино не е мртов и закопан
Се најавува дека генералниот директор за европска соработка Роберт де Хроут, кој е претставник на ниво на заменик- министер, денеска и утре ќе ја посети Македонија. За време на посетата Де Хроут има закажано средби со министерот за надворешни прашања Никола Попоски и со лидерите на четирите политички партии потписници на договорот од Пржино. /MИА