Помина еден месец откако 40-годишниот Коста Крпач беше пронајден мртов во неговиот стан . Истрагата се уште трае, а сомнежите во јавноста за неговата смрт не стивнуваат , особено по фактот што Крпач беше аболициран од претседателот . Тогаш според полицијата тој пукал во комбе, а го пронашле во неговата спална со прострелна рана во градите, а до него имало пиштол. Се уште не е соопштено дали станува збор за убиство или самоубиство.Од обвинителството информираат дека се во тек истражни активности и кога ќе има нови информации јавноста ќе биде известена.
СЈО тогаш објави дека против него никогаш не била започната предистражна постапка туку дека тој бил сведок во истрага на специјалното обвинителство. Се претпоставува дека Крпач сведочел во истрагата за набавка на израелска безбедносна опрема и можното мито платено во таа зделка.
Коста Крпач по професија беше академски сликар и управител на фирмата Финзи која е сопственик на новинската агенција Нетпрес. Станот во кој живееше со сопругата по неговиот погреб главно е празен, а бил и реновиран во меѓувреме.