Одземени пасошите на петмина осомничени во акцијата „Еразмус“

од Vladimir Zorba
95 прегледи

По неколкучасовен распит во Кривичниот суд, судија на претходна постапка на петмина од осомничените во акцијата на МВР на Економскиот факултет во Скопје им одредил мерки на претпазливост, односно да им бидат одземени пасошите и обврска да се јавуваат пред надлежен суд, потврдија за „Мета“ од Основниот суд Скопје 1.

136591

Како што дознаваме, станува збор за тројца универзитетски професори, еден демонстратор и сопстевникот на бифето на Економскиот факултет.

Неофицијално меѓу осомничените на кои им се одредени мерките за претпазливост е и професорот и поранешен декан на Економскиот факултет во Скопје, Бобек Шуклев.

Останатите тројца, од вкупно осуммината осомничени во акцијата на МВР, под кодно име „Еразмус“, дополнително ќе бидат повикани на сослушување пред судија на претходна постапка, велат од судот.

Осомничените, како што денеска на прес-конференција информираше министерот за внатрешни работи Митко Чавков, од студенти барале од 500 до 1.000 евра за да им напишат преодни оценки.

Шестмината професори, демонстраторот и сопственикот на бифето на Економскиот факултет се осомничени за кривични дела примање поткуп, примање награда за противзаконито влијание и давање поткуп.

Освен примање пари, во соопштението од Јавното обвинителство се наведува дека постои степен на основано сомневање дека дел од професорите барале и сексуални услуги заради полагање испит./извор Мета

Слични содржини