Во изборната битка во САД инвестираат не само американски компании и синдикати. Доста активни се и подружниците на европски концерни. Најголемите спонзори меѓу нив се една швајцарска банка и британски оружен концерн-пишува DW.
Според истражувањето на Дојче Веле, американски филијали на меѓународни концерни донирале речиси десет милиони долари за предизборната борба во САД. Главниот удел (8,6 милиони долари) паѓа на фирми со седиште во Европа. Останатите пари се донирани од фирми во Јапонија (597.000 долари), Канада (108.000 долари), Мексико (61.000 долари) и Австралија (32.000 долари).
Странци без право на постојан престој во САД, како и странски компании немаат право да донираат средства за кандидатите во американските избори. Ова ограничување сепак не важи за американските филијали на големите меѓународни концерни. Исто како и фирмите, чие седиште се наоѓа во САД, така и тие имаат право сосема легално да создаваат т.н.. Political Action Committees (PACs), т.е. комитети за собирање на политички донации. Сите тие се обврзани да се регистрираат пред американските изборни власти.
Контраспин: Ликот и делото на Иванов не може да ги спаси ни проф. Тања Каракамишева
Според проф. Џејмс Дејвис, декан на Школата за економија и политички науки на Универзитетот Сент Гален во Швајцарија, предметните политички комитети играат премногу нетранспарентно, но имаат важна улога во изразување на политичките интереси на САД. Тој објаснува дека овој тренд се зајакна најмногу по историското решение на Врховниот суд од 2010, со што правилата за изборно финансирање биле сериозно либерализирани. “Во денешно време човек си го обезбедува внијанието на политиката преку една големо парична донација”, истакнува Дејвис.
Најдарежливите спонзори од Европа
Најголемиот странски спонзор на политичките комитети е најголемата швајцарска банка UBS. Нејзиниот PAC инвестирал до моментов 741.750 долари во предизборната битка за Конгресот, а парите се претежно за поддршка на републиканците. Меѓу поддржаните се пример конгресмените Џеб Хенсрлинг и Шон Дафи. Хенсрлинг е претседател на Комисијата за контрола на финансиските услуги во американскиот Претставнички дом. Дафи пак е претседател на подкомитетот за контрола на финансиските услуги. И двајцата добиле максимално дозволената донација од 10 000 долари.
Вториот најголем спонзор е оружената фирма BAE Systems. Од неа кандидатите во изборите за Конгресот, претежно од Републиканскатка партија, добиле досега 412.500 долари. Најголемите суми биле наменети за конгресмените Мак Торнбри и Џон Меккејн. Торнбри е претседател на Воената комисија на Претставничкиот дом, а Меккејн е претседател на Воената комисија во Сенатот. Од BAE Systems одбија да дадат интервју за темата за Дојче Веле.
Третиот најзначаен комитет за политичко дејствување со странска врска е американската подружница на францускиот фармацевтски концерн “Санофи”. Досега тој инвестирал 404.975 долари во кампањата за избор на нов Конгрес. Меѓу фаворизираните е републиканскиот конгресмен Фред Аптон (9000 долари). Тој е претседател на Комисијата за енергија и трговија во Претставничкиот дом. Оваа комисија одговара и за јавното здравство, како и за медицинските истражувања.
На барањето на Дојче Веле од “Санофи” одговорија дека предметните донации се “доброволни донации од страна на соработници на” Санофи “, а не од самата фирма или нејзините подружници- единици.”
Донации со германска врска
Најголемиот комитет за донации со германско учество е поврзана со американската подружница на германскиот хемиски концерн BASF. Овој комитет го зазема петтото место на листата на организациите со странски корени: тој префрлил досега 312.250 долари на кандидати за конгресмени. Меѓу примателите фигурира името на републиканецот Кевин МекКарти, актуелен лидер на мнозинството во Долниот дом на Конгресот.
Од BASF објаснија: “Политичкиот комитет за донации е организиран од наши соработници во САД и претставува независна, државно регистрирана организација на вработените, која дава донација за политички цели и решава без разлика како да ги дистрибуира.”
“Кој верува дека донаторите во овие комитети – без разлика дали станува збор за фирми или членови на синдикати, се целосно независни од секаков вид политичко влијание, сигурно веруваат и во добрата самовила”, вели проф. Џејмс Дејвис. Тој смета дека нивните уверувања за независност не се веродостојни, бидејќи повеќето комитети ги вложуваат парите сосема намерно. Според Дејвис, има сосема јасни причини за тоа дека повеќето пари одат кај републиканците: “Ова се должи на фактот дека републиканците го контролираат Конгресот”, вели тој.
Исто така не е случајно што меѓу фаворизираните се главно претседатели на комисии или поткомисии од важните бранши, објаснува Дејвис. “Тоа е стратешко однесување, но тоа не цели да се купува влијание, туку само пристап – и кога некој има потреба од важен состанок со некого, за да ја разјасни својата позиција, тој природно добива соодветната покана”, вели професорот.
Донациите се насочуваат најмногу кон оние области, кои се силно државно регулирани. Кон нив спаѓа фармацевтскиот сектор, финансискиот индустрија или секторите поврзани со заштитата на животната средина. Истото се однесува и за сфери во кои државата е меѓу главните купувачи – како во оружената индустрија.
Речиси сите донации се за Конгресот
Фактот дека повеќето комитети за донации со странска врска го концентрира своето внимание главно на кандидатите-конгресмени, исто така, не е изненадувачко. Конгресот е оној кој кова законите и кој одлучува како да се распределат буџетските средства. Затоа има поголема смисла да се прават донации на воспоставените конгресмени отколку на кандидати за претседател, особено ако тие се уште во фазата на прелиминарните избори.
Затоа донацијата за Марко Рубио во износ од 4.000 долари, направено од американската подружница на германскиот концерн T-Mobile, останува исклучок. Истата фирма сепак донираше и над 220 000 долари на американски конгресмени.
