
СВР Куманово поднесе кривична пријава против И.А. (54) од с. Опае-поранешен вработен во Агенција за катастар-Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“, против И.Ц. (35), З.Ц. (41) и Д.Ц. (39), сите од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „употреба на исправа со невистинита содржина“ и „пустошење шума“. И.А. во текот на 2012 година, злоупотребувајќи ја службената положба, по претходен договор со останатите пријавени, оформил предмети за наводна исправка на техничка грешка по службена должност за две катастарски парцели во општина Длабочица со вкупна површина од 12.343 м2, кои биле во сопственост на С.М. За истите без никаков правен основ внел невистинити податоци за сопственоста, а потоа со свој потпис и печат ги заверил и спровел во електронскиот систем на катастарот, за што издал и имотен лист во сопственост на останатите пријавени. Второ, трето и четвртопријавениот, искористувајќи ги наведените податоци како вистинити, во лиценциран субјект поднеле барање за кое добиле и одобрение за сеча на огревни дрва и исекле вкупно 400,8 метри кубни огревно дрво, оштетувајќи го С.М. за износ од 2.805.600 денари.
СВР Битола поднесе кривична пријава против И.М. (64) од Битола-ликвидатор во АД „Дук Кар“ во ликвидација од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“. Пријавениот со неизвршување на својата службена должност навремено не поднел барање за отварање стечајна постапка со што причинил штета на еден од доверителите во висина од 3.375.578 денари, понатаму без согласност и знаење на акционерите распишал јавен оглас и склучил пред договор за купопродажба за недвижен имот-административна зграда и помошна хала на акционерското друштво. Исто така, на 26.06.2015 година во два наврати донел одлука за утврдување на награда за успешно вршење на функцијата ликвидатор со која сам се наградил со парични средства во висина од шест плати.
СВР Битола поднесе кривична пријава против Д.И. (53) од с. Радолишта, струшко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Пријавениот, како инвеститор и сопственик, во март 2016 година поднел барање за одобрение за градба и започнал со градежни работи за изградба на нова станбена зграда без претходно, од општина Битола, да го обезбеди одобрението за градење.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.Ѓ. (52) и З.Т. (31), двајцата од с. Долно Седларце-Брвеница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „незаконит риболов“. На 21.12.2015 година околу 20.30 часот од страна на рибочуварот од риболовното друштво „Ваш Вардар“-Гостивар било пријавено дека биле затекнати пријавените како со батериска ламба ловат риба на м.в. „Јаз“.
РЦ за ГР Запад поднесе кривична пријава против П.Ѓ. (55) од с. Коњско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „незаконит риболов“. На 04.06.2016 година во 06.00 часот, полициски службеници го затекнале пријавениот како во водите на езерото со метален чамец врши незаконит риболов со помош на мрежа.