„Шарената револуција“ за понеделник најави нов протест, кој ќе почне пред заградата на Специјалното јавно обвинителство во 19 часот.
Од „Шарената револуција“ во најавата, објавена на нивниот официјален фејсбук-профил, велат дека борбата за правда продожува и дека се вклучуваат во решавањето на кризата.
„Правдата е под сериозна закана. Протестирам! Уставниот суд е под партиска опсада. Протестирам! Груевски и Иванов им се закануваат на граѓаните. Протестирам! Власта сака да преговара тајно. Протестирам! Власта не сака да се чуе мислењето на граѓаните. Протестирам! Протестирам со „Шарена револуција“ в понеделник (27 јуни), 19 часот, пред нашата тврдина – СЈО! Борбата за правда продолжува! Криминалот веќе нема да смее да поминува пред очите на граѓаните!
Протестирам 80 денови со илјадници соборки и соборци! Заедно спречивме помилување криминалци, заедно спречивме уште едни фалсификат избори! Нашите другари се на слобода! Продолжуваме, се вклучуваме во решавањето на кризата!“, стои во најавата за протестот в понеделник.
Последниот протест организиран од активистите и од поддржувачите на граѓанското движење „Потестирам“ и на „Шарената револуција“ се одржа во понеделникот оваа недела. Овој протест беше еден од најмасовните досега и на него учествуваа неколку десетици илјади граѓани.