Меѓународната заедница бара од политичката елита да продолжи активно во процесот на преговори, затоа што многу време е изгубено. Двајцата амбасадори упатија јасни пораки – малку се работи а многу се зборува. Европскиот амбасадор во Скопје, Аиво Орав даде и пример како функционира политиката во Македонија, каде што голем број државници зборуваат и само губат време, информира ТВ21.
“Не може да се губи повеќе време. Од тоа што се договори лани многу малку е направено, сме се поместиле само неколку милиметри под силен меѓународен притисок, но сега со одлуката за аболиција видовме дека е направен 1 километар наназад. Сега треба да продолжиме да се движиме побрзо напред, 1 километар на ден“ изјави Аиво Орав.
Орав рече дека вклучувањето на граѓанските организации и помалите партии зависи од одлуката на четирите политички партии потписнички на Договорот од Пржино. Германската амбасадорка во Македонија, Кристина Алтхаузер рече дека задача на лидерите на четирите политички партии е да го забрзаат и целосно да го спроведат овој договор. Коментирајќи ја руската иницијатива и потпишувањето на декларацијата со Српската Демократска Партија во Македонија за неутрални воени зони во Балкан, амбасадорот Орав изјави дека Балканот нема потреба да биде неутрален затоа што Балканот како и Европската Унија, се веќе неутрални.
“Од што сакаат да го направат Балканот неутрален? Балканот е неутрален, Европската Унија е неутрална. Ние не сме против никого, ние сме за европски вредности, за човекови права, демократија! Ова значи е неутралност“, изјави Аиво Орав.
Истиот став го сподели и германската амбасадорка во Македонија, Кристина Алтхаузер. Таа вели дека политички партии, немаат информација кој бил во Москва на потпишување на декларацијата.
Целиот текст можете да го прочитате тука