Неколку стотини граѓани вечерва на протестот на „Шарената револуција“ се обидоа да стигнат до Уставниот суд, но полициски кордон ги запре на мостот Гоце Делчев.
Демонстрантите, на поројниот дожд, кој врнеше за време на целиот протест, се обидоа да го пробијат кордонот, при што настана мала расправија со полицијата. Откако не успеаја да го минат мостот, дел од активистите одржаа говори, кои почнаа со едноминутно молчење за малиот Алмир, кој беше прегазен пред болницата во Куманово.
Заврши протестот на #ШаренаРеволуција со порака „СЈО е правда!!!“ #протестирам pic.twitter.com/dz667ILu3L
— META.mk (@meta_agency) July 6, 2016
На протестот говореше Јана Нашулова од „Студентски пленум“. Таа рече дека полицијата употреби насилство врз студенти, кои се обидоа да спречат фалсификување на изборите за претседател на Студентски парламент.
Активистот Павле Богоевски ги праша припадниците на Единицата за брзо распоредување, кои го блокираа мостот, до кога слепо ќе слушаат наредби и ќе применуваат насилство врз невини луѓе.
Полициска блокада на мостот Гоце Делчев. Демонстрантите извикуваат „Слобода“, „Шутка не ти бега Никола“ #протестирам pic.twitter.com/t02oRq9kkG
— META.mk (@meta_agency) July 6, 2016
Протестот почна во 19 часот пред просториите на Специјалното јавно обвинителство, под мотото „Правдата е Устав, СЈО е правда!“
Вечерва, освен граѓанските здруженија Протестирам и Шарената револиција, организатори беа и граѓанското движење Го сакам ГТЦ, кои се против барокизацијата на Градскиот трговски центар.
На протестите учествуваа и првите луѓе на опозициската партија СДСМ, Зоран Заев и Радмила Шекеринска./Мета