Грција ги разгледува барањата за азил на осумте војници-пучисти од Турција

од desk3
125 прегледи

Грција ќе ги разгледа барањата за азил на пучистите од Турција во согласност со меѓународните процедури за азил. Ова го изјави потпаролот на грчката влада Олга Геровасили за случајот на осумте турски војници кои денеска на пладне слетаа во Александруполи со турски воен хеликоптер и побараа грчки азил.

Војниците беа уапсени од грчката полиција за нелегален влез во државата и се наоѓаат во полициската станица во Александруполи.

turski-helikopter-vo-grcija

„Во врска со осуммината уапсени, ќе се запазат предвидените процедури според меѓународното право. Ќе се земе сериозно во предвид фактот дека уапсените во нивната држава се товарат за кршење на уставниот поредок и обид за рушење на државата”, изјави Геровасили.

Грчките власти веќе се во контакти со турските за случајот. Генерал штабот на грчката војска преку соопштение најави дека се подготвува итно да го врати турскиот воен хеликоптер „Блекхок“ (Blackhawck).

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу побара Грција да ги екстрадира во Турција осумте патници и да го врати назад хеликоптерот.

Турскиот воен хеликоптер со осумчлен екипаж емитувал сигнал дека се наоѓа во опасност и наводно побарал дозвола за слетување поради технички проблем на леталото.

По барањето дозвола, хеликоптерот слетал во придружба на два грчки воени хеликоптери Ф-16. На аеродромот турските државјани ги дочека силно полициско обезбедување и членови на грчкото Министерство за надворешни работи.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас изрази поддршка за демократски избраната влада во Турција, порачувајќи преку „Твитер“ дека Грција е на страната на демократијата и уставниот поредок.

Во Грција, доцна синоќа кога започна пучот во Турција, беа свикани итни седници во министерството за цивилна заштита и министерството за одбрана.

 

META

Слични содржини