Викиликс денеска соопшти дека по најавата за објавување стотици илјади документи за Турција, неговата интернет страница била изложена на хакерски напади.
– Нашиот сервис се најде под серија непрекинати упади. Не сме сигурни кој е изворот на нападот, но времето кога тоа се случи укажува на група од турските државни структури или нивните сојузници – стои во соопштението на Викиликс објавено на Твитер.
Хакерскиот напад го одложи објавувањето на документите за политичките моќници во Турција, но, како што вети познатата веб-страница, сепак денеска ќе биде објавен првиот дел од вкупно 500.000 документи и 300.000 мејлови.
Пред најавата, Викиликс предупреди дека турската Влада веројатно и ќе се потруди да го спречи објавувањето на податоците, или барем први да стигнат до нив.
