Парното греење од 1 август ќе поевтини, одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Како што соопшти денеска претседателот на РКЕ Димитар Петров, цената на најголемиот снабдувач БЕГ се намалува за 10,93 отсто, на Скопје-Север за 4 проценти, а на ЕЛЕМ Енергетика кај потрошувачите кои имаат мерачи за 11,59 отсто, додека кај оние што плаќаат по метар квадратен за 9,15 проценти.

parno-540x320

Ислучените корисници на парно ќе имаат пониски сметки за 2,67 отсто, односно наместо 546 денари како досега ќе плаќаат 532 денара.

– Драстично намалената цена на природниот гас и намалените оперативни трошоци на компаниите се клучните причини за поевтинувањето на парното, нагласи Петров.

Според пресметките, со сегашното намалување на цената, сметките за парно за стан од 50 метри квадратни ќе изнесуваат 20.815 денари на годишно ниво, наместо 23.638 денари.

Претседателот на РКЕ информира дека порамнувањето на сметките веќе нема да биде два пати годишно, туку само еднаш во мај, јуни и јули. Веќе нема да има декемвриско порамнување.

Парно греење најмногу дистрибуира БЕГ на околу 46 илјади корисници, потоа ЕЛЕМ Енергетика на 3.500 и Скопје-Север на 300 потрошувачи.

До крајот на годинава, како што информира Петров, се очекува околу 60 исклучени потрошувачи повторно да се приклучат на дистрибутивната мрежа. Во 2015 година вкупно 842 исклучени потрошувачи се вратиле, а годинава се очекува таа бројка да достигне околу 900. /МИА

Слични содржини