Неодамнешна студија на Истражувачкиот центар Пју (Pew Research Center) покажува дека 34% од возрасните Американци би биле согласни да им биде вграден чип во мозокот, за да ги зголеми умствените можности. Во истражувањето учествувале 4726 возрасни кои го изразиле своето мислење за три нови биотехнологии, со кои може да се подобри здравјето на поединецот, когнитивните способности или физички капацитет.
Податоците покажуваат дека повеќето луѓе изразиле загриженост во врска со користењето и на трите нови технологии, а околу една третина или повеќе од нив биле ентузијасти да ги применат.
Најсилен ентузијазам учесниците во истражувањето изразиле за можноста да се влијае врз гените на бебето за да се избегнат наследни болести – 49%. За можноста да се вметне синтетичка крв на луѓето, за да можат да постигнат повисоки физички оптоварувања, поголема брзина и сила, ентузијазам изразуваат 36% од учесниците.
Малку над 1/3 од луѓето изразиле одобрение за можноста да се имплантира чип во мозокот, за да се зголемат можностите за апсорпција на знаење и размислување.
Истражувањето е направено во состојба на брзорастечките биомедицински технологии кои сепак отвораат нови контроверзни прашања за нивната употреба и колку упатно е да се применат тие.
