Државниот инспекторат за земјоделство денска во атарот на селото Долно Трогерци во општина Карбинци со земјоделска механизација ја ожнеа пченицата на површина од 70 хектари која ја засеал земјоделец кој го узурпирал земјиштето во сопственост на државата.

zetva_oriz

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Цветан Трипуновски, кој денеска присуствуваше на акцијата, вели дека ова е еден од примерите кој треба да служи за останатите узурпатори на државно земјоделско земјиште кои имаат засеано земјоделски култури на државни ниви, а за кои немаат соодветна документација.

Трипуновски истакна дека акцијата трае подолго време, сега се ожнеаја само 70 хектари, а исто така во овој регион има и други земјоделци кои имаат узурпирано земјоделско земјиште за кои дополнително ќе објават информации.

– Се наоѓаме во катастарската општина Долно Трогерци во карбинскикот регион каде Државниот инспекторат утврди околу 70 хектари засеани со житни култури кои немаат соодветна документација, односно договор со државата. Ние како инспекторат ангажиравме механизација која овој род треба да го собере и соодветно ќе го чуваме, а во понатамошната постапка ќе извршиме лицитација, односно негово продавање, рече Трипуновски.

Тој забележа дека узурпацијата на државно земјоделско земјиште е кривично дело, а смета дека со овие акции кои се спроведуваат на територија на цела држава ќе се стави крај на бесправното користење на државното земјиште. Тој рече дека законот неселективно ќе се спроведува на терен.

– Ова денеска што го правиме е уште еден доказ дека Инспекторатот како овластена институција без селективна примена на законот сакаме да воспоставиме ред во користењето на земјоделското земјиште во Република Македонија. Земјиштето го заслужуваат правите земјоделци оние кои склучуваат договори на транспарентен начин преку јавните огласи што ги спроведува Владата, односно МЗШВ. Преку таквите воспоставени рамки ќе можат самите земјоделци да ги користат сите бенефиции од државата, во смисла на субвенциите што ги доделува, рече Трипуновски.

Контролите на Државниот земјоделски инспекторат ќе продолжат и понатаму на земјоделските површини кои се узурпирани од страна на некои несовесни земјоделци.

Трипуновски апелира земјоделците да ги пријавуваат оние узурпатори кои имаат направено злоупотреби со користење на државно земјоделско земјиште.

Во моментов во штипскиот регион се води постапка за околу 900 хектари узурпирано државно земјиште. Годинава ова е прва ваква акција на Државниот инспекторат за земјоделство во Штипско -карбинскиот регион./МИА

Слични содржини