Американскиот глумец Мет Дејмон е мета на критика поради улогата во новиот научно-фантастичен филм „The Great Wall“, но не поради актерската игра, туку затоа што е белец.
Тајванско-американската глумица Констанс Ву упати критика на Твитер за изборот на главниот актер во филмот, чие дејствие се одвива во Азија, истакнувајќи дека станува збор за „типичен расистички пристап на Холивуд“.
– Мора да го прекинеме расистичкиот мит дека единствено белец може да го спаси светот, напишала Ву.
По критиките добиени на нејзиниот коментар, актерката објаснила дека не го критикувала лично Дејмон, туку холивудскиот манир во азиски филмови главни улоги да им се доделуваат на белци, со што се инсинуира дека белата раса е посупериорна од останатите.
Дејството се случува пред 1.000 години, откривајќи ја вистинската причина за изградбата на една од најпознатите градби во светот, Големиот кинески ѕид. Верувале или не, изгледа дека причината за градење на ѕидот била заштита од опасни чудовишта, а Мет Дејмон е воин кој се бори со нив.

Режисер на филмот е Занг Јимоу, а сценаристи се Тони Гилрој, Карло Бернард и Даг Миро. Во останатите улоги се појавуваат Јинг Тиан, Педро Паскал, Вилем Дефо и други.