Таму каде што младоста во црно се завила, таму е Македонија.

од Vladimir Zorba
67 прегледи

Таму каде што гипс и картон е барок, таму е Македонија.
Таму каде што власта е државата, а народот нем статист, таму е Македонија.

1044018_10201561545398423_7442560790536457717_n
Таму каде на одмор се оди со гајби домати и краставици од дома, таму е Македонија.
Таму каде што жена кичма извива за 120 евра плата на машина за шиење, таму е Македонија.
Таму каде што невработените животот го гледаат во кладилница, таму е Македонија.
Таму каде што синот на твојот претпоставен има телефон поскап од твоето купатило, таму е Македонија. Таму каде што диазепамот се пие како да е бомбонче карамела, таму е Македонија.
Таму каде што што лоповот е патриот, а чесниот работник предавник, таму е Македонија.
Таму кај што млади животи згаснуваат чекајќи помош од државата на која поважни и се споменици, таму е Македонија.
Таму каде што ќе молиш за чист воздух и чиста вода, таму е Македонија.
Таму кај што прават панорамско тркало од 18 милиони евра, а од страна дечиња те влечат за панталони и ти просат, таму е Македонија.
Таму каде што се киднапираат национални празници како празници на партија, таму е Македонија.
Таму каде што ќе те прават луд дека е лепено сечено и монтирано, таму е Македонија.
Таму каде што со нарачани вести се извртува реалноста, таму е Македонија.
Таму каде од народни пари се договара провизија, таму е Македонија.
Таму каде гласноговорниците, опозицијата, невладините се криви за мизеријата во државата, наместо власта која управува со државата, таму е Македонија.
Таму каде што животни судбини зацрнува партија, таму е Македонија.
Таму каде спиновите и убиствата се секојдневие за да се замае јавноста во друг правец, таму е Македонија. Таму каде што политичкиот инженеринг изменува историја на цена на никаквата сегашност, таму е Македонија.
Таму каде што дипломирани инжењери собираат пластични шишиња за да преживеат, таму е Македонија. Таму каде цели генерации се задоени и отриени од партиски извртена историја преку образовниот систем, таму е Македонија.
Таму каде чесниот собира грозје на приватизирана плантажа за 300 денари дневница, таму е Македонија. Таму каде што младоста во црно се завила, таму е Македонија.
Таму каде глупоста завладеала над здравиот разум, таму е Македонија.
Таму кај што не знаеш што утре, таму е Македонија.
“Таму каде вечно сонце сјае” каде крив е секој кој за криминал и неправда ќе “залае”, таму е Македонија.

Александар Дојранлиев
фејсбук статус