САМО ПРАШУВАМ, ЕФТИМЕ

од Vladimir Zorba
165 прегледи

 

Не знам дали забележа, Ефтеме, ама јас забележав. Иако не би можел да ти објаснам како. А што забележав? Забележав, „проклет да бидам“ (Чинго), дека од покривот на нашето барокно Министерство за надворешни работи кога ти, пред камери, почна да го палиш “Букурешкиот договор“, во елегантен црн дипломатски фрак и со висок цилиндер, сега бел како шарпланински снег, а во согласност со материјалот од кој е направена неговата скулптура, забележав како те гледа никој друг туку Симеон Радев, лично. Те гледа, Ефтиме, нажалено. Мошне. А погледот негов, тивко, таговно (Рацин) ти вели: „Зар и ти синко, Ефтиме?“
вангелво аДури ми се пристори дека видов како се лизна и кротка, крупна солза од очињата негови. Сепак, малку е веројатно тоа. Скулптурата на Симеон Радев е направена од гипс. Или од друг, синтетички материјал, кој некогаш бил во течна агрегатна состојба, ама сега не е. Сега е во тврда. За да може да биде скулптура на покрив од бело, барокно Министерство. Веројатно, додека го читаш ова, се прашуваш како дошло до тоа јас да гледам како те гледа Радев таговно додека ти, со твоите од „Македонски манифест“, го палиш “Букурешкиот договор“, во знак на протест против „сите што сакаат на најперфиден начин да не ликвидираат“; против „злото што тропна на нашата врата“, како што рече. Тоа можам да ти го објаснам, поету Клетников, а сега и ќе го сторам тоа. Накусо.
Мене тој Симеон Радев (1879-1967) од Ресен некако ми легна на срце и, право да ти кажам, мошне. Го засакав човекот и ете, тоа ти е – тоа. Иако, во една полемичка книга на Конески има и некои отровни стрелки кон неговите “погледи“ кон Македонците кои ги вика “долни Бугaри“. Од ист формат полемички стрелки Конески упатува и кон својот професор Александар Белиќ, затоа што во студија за галичкиот говор тој Белиќ тврди дека македонскиот бил дијалект на српскиот јазик. Полемички стрелки има и кај Гане Тодоровски. Во неговите “Сонцељубиви“ (1974), ако не ме лаже умот. Како воопшто дојде до тоа Радев да ми легне на срце, причина да напишам и да објавам околу десетина статии (можеби и повеќе) за него и за неговото дело?
Едно време, поету мил Клетников, јас многу се интересирав за животот на Григорие Хаџиташковиќ (1875-1942) од Воден. Тој помина во Париз близу две години (1902-1904), а една помина и Симеон Радев (1902). Требало да остане четири според замислата на Егзарх Јосиф (сакал да прави епископ од Симеона), неговиот штитеник, кој му плати школување во Францускиот лицеј на Гакатасарј во Цариград. Тие двајца луѓе се од генерацијата на Крсте Петков Мисирков. Една многу учена тројка од форматот на Прличев од Охрид и Зографски од Галичник. По нивната ученост беа тие директни наследници на последниве двајца, а имаа и контакти. Некаде прочитав дека Радев, кога почнал да работи во “Вечерна пошта“ во Пловдив, ги пишувал своите своите статии на француски. Потоа ги преведувал на бугарски. Значи, Радев и Хаџиташковиќ биле франкофони. Како и ние двајцата, Ефтиме, кои бевме стипендисти на франската влада. Веројатно франкофонијата и тој Париз ме фрлија во потрага по сè што напишале Радев и Хаџиташковиќ. Сè ми велеше дека и тие се наши претходници-великани.

simeon-radev
Во таа потрага поминав нешто време во Архивот на Министерството за надворешни работи на Франција, откако беше отворен за јавноста. Верував дека во извештаите на францускиот конзул Луи Стег во Солун ќе најдам нешто и за Григорие. Така испадна да налетам на “Букурешкиот договор“ кој го прочитав за првпат тогаш, на француски. Член 10 од тој договор вели: “Договорот ќе биде ратификуван а ратификациите ќе бидат размнети во рок од петнаесет дена или порано ако може да се направи тоа.“ Последната реченица гласи: “Направено во Букурешт на дваесет и осмиот ден од месецот јули (десеттиот ден од месецот август) во годината илјада деветстотиуни и триенаесетта.“
По тој завршен, 10-ти член се даваат потписите на сите делагации во полн состав. Прва е српската, а втора бугарската. Составот на бугарската делегација е овој: Д. Тончев, генерал Фичев, д-р С. Иванчов, С. Радев и полковник Станчов. Ете, поету мил Клетников, Симеон Радев од Ресен своерачно го потпишал оној “Букурешки договор“ кој, во знак на протест против „злото што тропна на нашата врата“, ти го спали. Го спасли пред очите на Радев кои те гледаа од покривот на нашето барако Министерство за надворешни работи. Солзеа.
Сега сакам да прашам, Ефтиме. Дали не сметаш дека и Симеон Радев спаѓа во тоа големо „зло што тропа на нашата врата“? Тој напиша во својата книга „Македонија и бугарската преродба“ (1917, на француски) дека таа Македонија била „лулка на бугарштината. “ Кон таа лулка ги упатуваше своите отровни стрелки Конески. Јас не би можел тука и сега да ти објаснувам, во детали, по кои други причини тој Радев не ми станува од – срце. Ќе кажам само дека често одел во куќата на Тодор Боров, таткото на Цветан Тодоров, кого денес учениот свет го вика „апостол на хуманизмот.“ Радев го викал Цветанчо.радев
Ќе прашам уште нешто, Ефтиме. Ќе сториш нешто да се тргне скулптурата на Радев од покривиот на Министерството? Оти, не оди ем да палиш Договор на кој стои потпис на Радев („зло што тропа“), ем да му држиш скуптура на „зло што тропа“ на покрив од Министерство. Ништо лично, Ефтиме, само прашувам.

Фејсбук статус на Атанас Вангелов