Лидерот на британските лабуристи и на опозицијата, Џереми Корбин е обвинет дека предизвикал инцидент во возот на приватната компанија „Вирџин треинс“ од „идеолошко-партиски потреби“.
Корбин седел на подот во еден од вагоните, објаснувајќи го таквиот потег со ситуацијата во возот, за кој лидерот на британската опозиција тврди дека бил „преполн“ и дека немало ниту едно место.

Седењето на под треба да ја покаже „солидарноста“ на овој политичар од крајната левица во Лабуристичката партија, со „проблемите на обичните луѓе“ на нивните патувања со возовите на приватните железнички компании, но и да ја промовира заложбата на Корбин и неговите левичарски поддржувачи, за повторно национализирање на железницата во Велика Британија.
„Проблемот“ на партискиот лидер во возот на „Вирџин треинс“ бил сниман додека тој, со сопругата и своите соработници, патувале од Лондон за Њукасл.
На своите симпатизери во овој град, подоцна, тој им ја објаснил идејата за враќање на железницата под државна контрола, бранејќи го тоа со сегашната ситуација на „пренатрупани“ приватизирани возови.
Инцидентот се случил уште на 11 август, а за него се дозна денеска, откако сопственикот на компанијата, британскиот милијардер Ричард Брансон, на лондонските медиуми им раздели снимки од безбедносните камери во возот.

Снимките покажуваат дека Корбин ја „измислил“ целата приказна за свои политички потреби, затоа што во возот имало доволно слободни места во вагоните.
Камерите го прикажуваат како минува меѓу редови со празни седишта, а потоа и како седи, читајќи весници.
Компанијата „Вирџин“ го обвини Корбин за „нечесност“ и за „лажни изјави“, затоа што тврди дека „преседел на подот од вагонот“.
Случајот со левичарскиот лидер предизвика голем публицитет во британските медиуми кои го осудуваат Корбин за „хипокризија и за спинување“.
Длабоко поделените лабуристи, до крајот на септември треба да изберат лидер на партијата, па весниците во Лондон сметаат дека целиот случај со возот, е само обид да се подигне неговит рејтинг кај партиските гласачи./МИА