Журка денеска во Скопје.
Едниот слави роденден. Тројцата други мислат ќе слават еден чекор напред приближувајќи се кон избори, во декември или напролет – зар е веќе важно?! – на кои според нив, ќе го симнат од тронот оној другиот, славеникот денешен. И со тоа Македонија ќе отишла чекор понапред. Ние ќе продолжиме да чекаме, некој друг чекор, за уште малце понапред. За некоја светла иднина.

Факт е само дека денеска имаме славеник и тој слави!
Слави, зошто не е како Малиот човек Тејт. Не е сам на својот роденден. Тука се неговите. Ќе има фотографии. Сите ќе се ракуваат. Ќе се смеат. Секој ќе му го честита роденденот. Клубот ќе му направи торта.
Но, и не само поради тоа!
Слави зошто денешната слика ќе каже многу.
По година ипол од јавно објавените бомби, протести, криминали, ете го него, уште тука, со неговите противници заедно. На една маса. Чекаат од него. Да се согласи да им даде ден за избори. Зошто сами тие ниту можат ниту знаат како да го симнат од тронот. Ни кажаа тие уште вчера дека ако славеникот денеска се согласел, Македонија ќе тргнела напред. Значи однапред ни соопштуваат кој ги држи уздите на оваа сјајна кочија на која летаме со очекувања нагоре, а која по отворање на очите е само една обична тиква од сонот на Пепелашка.
Сликата е моќна.
Оваа слика денеска ќе ни порача да заборавиме на СЈО и криминалите, бомбите и протестите. Славеникот слави. И не само роденден.
Денеска седнат на таа маса да одлучува со својот потпис за нас, слави отфрлање на плаштот од Идризово. Денеска ја слави својата слобода. Ќе тргне во кампања. На лидер. На предводник. На оној што ветува. И оној што дава. Овие другите ќе го следат. Ќе ветуваат и тие. Ќе тапкаат по него, зошто изборите наметнуваат своја динамика и тема. А и немаат што веќе да ни кажат. Ни кажаа се. Ги испукаа оние “бомби”. Славно ги однесоа во СЈО.
И по се – еве ги денеска пак заедно на една маса. Еднакви. Исти. Загрижени за нас. Ќе стават потпис. Кој вреди исто. А потписот гарантира.
Ние ќе гледаме и ќе очекуваме. Иако длабоко знаеме дека и не е веќе важно. Ќе учествуваме во нивните избори зошто така треба. Исходот не е ни важен. Ние веќе знаеме дека и по тие избори ќе имаме хибридна накалемена заедничка влада од која ќе очекуваме некаков плод. Она што ќе го добиеме е ново име испорачано од славеникот во замена за неговата негибната девственост. Другите ќе го прифатат зошто така треба, а и полесно е кога не се тие. Ќе се смеат и сликаат како и денеска. Заедничката влада ќе го аминува и ќе го спроведе. До нови избори. Затоа и не знам каков е тој нов плод на таа нова влада. Името ќе ни го кажат.
Зашто славеникот денеска слави. Имал роденден. Бил девица. Затоа сме сите ние трудни!
Елеонора Каранфиловска Ретклиф (Фејсбук статус)