![]()
Би-Би-Си – Лондон
Многу жители на предградијата на американските градови паднаа во котелот на сиромаштијата. Главните причини за тоа се ниските приходи на трудот (плати), скапите наеми на недвижностите (станови, куќи), и високите расходи за транспорт, кои втурнуваат цели семејства во должничка спирала.
Градовите од секогаш биле пренаселени места. Но бројот на жителите е на пат да се удвои до 2050 година, до 3,5 милијарди лица, според податоци од ОН.
Во САД, 63 проценти од населението веќе живеат во градовите. Тоа ја става на тест нивната инфраструктура. Но сепак, многу луѓе живеат вон границите на градовите и секојдневието им е предизвик.
Сестрите Андервуд и Тоња Пинкстон и повеќе од добро се запознати со проблемот. Во април, стипендијата за живот со која Андервуд го плаќала наемот на станот, била сопрена, откако таа го завршила курсот за авијациски менаџмент.
Заедно со трите деца таа била принудена да се пресели кај Пинкстон. Новото седумчлено семејство сега живее во двособен стан во округот Гвинет каунти, северно предградие на Атланта.
– Не можам повеќе вака, вели Пинкстон. „Треба да најдеме нешто друго, дури тоа да е и еден од оние мотели кои нудат подолг престој“.
Поскапи наеми на станови
Наоѓање живеалиште за семејството се покажало како многу тешко. Пинкстон и мајката на двете сестри добиваат инвалидски пензии, со што Андервуд станува главен извор на приход за семејството. Малку места кои тие можат да си ги дозволат се доволно големи за таму да се соберат сите.
Дури и семејството да се подели на две, варијантите се многу ограничени.
Наемите, па и во предградијата, скокнале и многу од најдобрите станови во предградијата на Атланта кои се издаваат, се сопственост на приватни фирми.
Многу од тие компании се појавија на пазарот на недвижности за време на рецесијата, и купија куќи под хипотеки и ги обновија за да ги издаваат. Тие станови се вообичаено добри станови, но наемите за нив се високи, а кредитните побарувања – построги.
Тоа се стандарди кои мнозина во областа не можат да ги покријат. Некои биле принудени да долг рок да изнајмат соба во локални мотели, каде не се проверува кредитниот рејтинг на корисникот, а други да живеат неколку генерации под ист покрив.
– Наемот се покажа како тежок товар за семејсниот буџет и јас знам дека не треба да патувам до работа, вели Андервуд. Патувањето значи дека ќе треба да плаќа за автомобил, и да и ги остави децата на сестра и и мајка и на чување додека е на работа.
Сестрите не сакаат да се преселат во уште поевтино предградие, на пример, на југ од Атланта, затоа што тоа ќе значи дека децата ќе сменат училиште. И четирите деца, меѓу кои е и најмалото на Андервуд, кое е аутист, се чувствуваат многу добро во нивните сегашни училници.
Всушност, семејството знае дека се во потешка ситуација од соседите.
– Ние едноставно се обидуваме да ги набавиме најнеопходните нешта – добро, чисто место за живеење, просечен автомобил за превоз, вели Пинкстон.
Национален проблем
Сиромаштијата во предградијата на Атланта значително пораснала. Помеѓу 2000 и 2012 година, во областа таа пораснала за 150 проценти.
Но тоа важи не само та таа област. Во Денвер, на пример, порастот е 131 проценти, а во Портланд 98 проценти.
Скоро 16,4 милиони луѓе во предградијата на САД се изјасниле како сиромашни, и ако се задржи сегашната тенденција, нивниот број може да порасне до 24,5 милиони до 2020 година.
Таа тенденција започнала пред финансиската криза, но рецесијата заостри многу од проблемите, а економското закрепнување истите не ги реши.
– Тој брз раст на сиромаштијата во втората половина од минатата деценија сопре, но ситуацијата не се подобри, се уште сме под притисок, вели Елизабет Нијбоун, истражувач од ИНститутот Брукингс.
Нејзиното истражување посочува редица фактори – стагнација на платите, намалување на добро платените позиции со полн работен ден, недостигот на достапни станови и транспорт, и лошото образование и професионална доквалификација.
Дури и оние кои се над прагот на сиромаштијата, се засегнати заради самиот факт дека живеат во сиромашна област, на пример, од криминалот и недофинансираните училишта.
Семејствата кои плаќаат над своите можности за да се тргнат од тие квартови, можат да отидат во банкрот и евентуално во уште поголема сиромаштија.
– Сегашните сопственици на станови се под водата, вели Џон Окалахан, претседател на Атланта нејбрхуд девелопмент партнершип. „Тие прифатиле многу незгодни услови за своите кредити, за да си ги сочуваат домовите, и сега се приклештени“.
Окалахан објаснува дека тоа довело до недостиг на станови во предградијата на Атланта. Сопствениците не можат да ги продадат своите домови затоа што ќе загубат пари. Освен тоа, повеќето од нив немаат можност да ги реновираат и некои куќи примиле големи семејства чии членови немаат можност сами да живеат.
Добриот самарјанин
Во јужните предградија на Атланта, Нкрума Мур им помага на семејства кои се нашле токму во таква ситуација.
Во последите осум години, тој купува станови и ги дава на бездомни семејства бесплатно за период од три до шест месеци, додека застанат на нозе.
Тие домови вообичаено чинат околу 20,000 долари и додека ги реновира и подготви за давање под наем, Мур им дозволува на локални луѓе кои се сиромашни, да живеат во нив. Тој често дури и ги вработува во неговата компанија за општа работа со која го финансира купувањето на истите станови.
Во Клејтон каунти, каде Мур живее, просечниот приход по глава на жител во 2014 година бил 18,074 долари, според податоци од Статистичката служба на САД. ВО Атланта тој изнесувал 35,719 долари.
Мур почнал да пушта луѓе да живеат бесплатно во неговите станови за време на рецесијата, кога видел толку многу празни станови и толку многу бездомници. Сега, тој поседува седум куќи.
– Многу луѓе се мачат и нема каде да одат, објаснува Мур. „Предградијата не се наменети за семејства, а многумина ја губат својата работа затоа што не можат да одат на работа со автобус“.
Неопходност од автомобил
Лошиот транспорт е главниот проблем за голем број жители на сиромашните предградија.
Некои луѓе патуваат со часови секој ден, менуваат по неколку автобуси и возови за да стигнат до работа. Други пак ја губат работата затоа што не можат да стигнат до неа без автомобил.
Зависноста од автомобил е уште едно бреме за буџетот кај многу семејства. Окалахан вели дека доста луѓе си мислат дека заштедуваат пари ако се преселат подалеку од градот. Дополнителни расходи за превоз и време за стигнување до работа всушност само ги заоструваат нивните проблеми.
Но и наоѓањето работа поблиску до дома не секогаш е добра варијанта.
– Во предградијата има работни места во трговијата на големо, индустријата и во градежништвото, кои исто така не мора да се исплатат, вели Нујбоун. „На почетокот од економското заздравување, ние броевме работни места, но сега е јасно дека треба да разбереме за какви работни места станува збор, колку добри се тие, каква е платата и каде се наоѓаат“.
Ниту едно од тие тревожења не важат само за САД. На глобален план, со преселувањето на се повеќе луѓе во градовите, други ќе бидат протерани од таму. И додека вниманието ќе биде фокусирано на инфраструктурата за милијардите градски жители, сиромаштијата во предградијата ќе се претвори во гнојна рана ако тие луѓе бидат изолирани надвор од градските ѕидини./пренесе а1он