Габриел: Путин сака и САД да ги обезбедуваат хуманитарните конвои во Сирија

од Vladimir Zorba
66 прегледи

 

Рускиот претседател Владимир Путин сака и САД да ги обезбедуваат хуманитарните конвои во Сирија, изјави германскиот вицеканцелар Зигмар Габриел, по средбата со шефот на руската држава.putin-540x248

Воздушниот напад извршен во понеделникот врз камиони со помош во близина на сирискиот град Алепо, му стави крај на прекинот на огнот во Сирија.

САД сметаат дека руската авијација е одговорна за нападот, но Москва демантира дека е поврзана со тоа, а вчера руското Министерство за одбрана соопшти дека за време на нападот во регионот летал американски дрон „Предатор“.

Габриел, кој синоќа во Москва околу час и половина разговараше со Путин изјави дека рускиот лидер демантира оти Русија е вмешана во нападот врз хуманитарниот конвој и додаде дека тој нагласи оти целосно го поддржува обновувањето на примирјето.

Според Габриел, Путин би сакал движењето на хуманитарните конвои да биде набљудувано освен од руските вооружени сили и од САД.

Тој го повикал рускиот лидер да го искористи своето влијание врз сирискиот претседател Башар ал Асад за да се постигне деескалација на конфликтот во Сирија.

Пред пристигнувањето во Москва, Габриел изјави дека за време на посетата ќе го отвори и прашањето за олеснување на санкциите, кои Европската унија ги воведе кон Русија поради анектирањето на Крим.

Вицеканцеларот, кој е и министер за економија, повеќе пати досега упати критика на позициите на канцеларката Ангела Меркел за задржување на санкциите, јави ДПА.

Габриел, кој е член на Социјалдемократска партија на Германија (СПД), помалиот коалициски партнер во конзервативната коалиција на Меркел, може да се кандидира за канцелар на изборите следната година