Во лирска форма, нашиот модерен класик Блаже Конески зборува за ѓаволот во својата знаменита поема „Одземање на силата“. Вистина, таму Конески никаде не вели ѓавол. Тоа било Господ. Се „преправил на постанат старец“. Се престорил на „питач“. За „полесно да го подбиди“ своето божјо чедо Марко Крале на кое, пред тоа, му доделил „неимоверна сила“. Потоа, откако Господ се уверил дека неговото чедо не знаело како да се носи со таа „неимоверна сила“, решил да му ја смали за две третини. По што паѓа, тоа чедо, во „длабоко огорчение“.

Токму тоа „огорчение“ е текстот на поемата „Одземање на силата“, поправо еден долг, пороен монолог на Марко кој му постава и некои неудобни прашања на Господ кому дотогаш му се восхитувал, кому му верувал во се. Колку гневни, толку и огорчени прашања. Како, на пример, зошто Господ „се преправил на постанат старец“? Не помислувал ли дека барем еден човек (Марко Крале) ќе „сведочи за неговата подла слабост?“ Таа „подла слабост“ за која, во својот архајски „Бол и бес“ (С.Јаневски), толку огорчено зборува неговото огорчено чедо е далеку од тоа да биде некоја божја и божествена особина, со која би можел да се гордее и некој простосмртен човек. А камоли Господ Бог. Зошто?
Затоа што „подлата слабост“ спаѓа во редот на оние морални особини кои не одат со еден достоен за почит човек. Попрво одат со некој кој заслужува осуда и презир. Кој би се осмелил, на пример, да му се восхитува на човек кој бара од своите потчинети, од оние над кои има неограничена власт, да му врзат „пет-шест шамари, јаки“ на друг човек, Андреј Жерновски, градоначалник? Само затоа што му се замерил. Затоа што не го поднесува. Или, просто, од задоволство? Или заради едното, другото и третото истовремено? И уште, згора на тоа, кога еден таков човек шамарољубец (пастир Никола Груеску) на начин кој заслужува осуда и презир („криминализација на изборниот процес“, Фатиме Фетаи) успеал со дрски измами да се добере до престижното место премиер на влада?
Затоа што нема (поточно: не би требало да има) човек кој би можело да го прогласи шамарољупството за морална особина од прв ред, нема или, барем, не би требало да има ни човек кој би прогласил „подлата слабост“, макар била таа и божја, за – морална особина од највисок ред. Напротив, таа спаѓа во репертоарот пороци кои се прва одлика и надлежност на ѓаволот, а не на Господ Бог. Оттаму и огорчението на божјото чедо Марко Крале. Оти, ако Бог се премислил до толку за да ја смени својата „првобитна намера“, тогаш згрешил кога решил да го дарува Маркота со „неимоверна сила“. Ако згрешил, тогаш не е безгрешен. Ако не е, тогаш како да се разликува безгрешен Бог од еден грешен ѓавол?
Еден „постанат старец“ како и оној на Конески од поемата „Одземање на силата“ среќаваме и кај класикот на францускиот реализам Оноре де Балзак, за чија мундијална слава придонесе и творецот на дијалектичкиот материјализам Карл Маркс кога рече дека од романите на Балзак научил многу повеќе за животот на Французите кон почетокот на 19-ти век отколку од економските списи на Огист Конт. Тој „постанет старец“ се јавува во неговиот роман „Шагринска кожа“ (La peau de chagrin). Самиот Балзак, во својот импозантен опус la comedie hummain, го класира тој свој роман како „метафизички“. Денешната наука за литературата го чита како ремек-дело на жанрот фантастика.
Млад човек, студентот Рафаел д’ Валантен, кој живее во крајна мизерија, во наплив на отровен очај решава да и стави крај на својата мизерија. Ноќта, кога тргнува кон Сена за да го стори тоа, тој здогледува слабо, мижуркаво светло од дуќанче кон кое нешто го влече. Дуќанчето е старинарница во која има се и сешто, во совршено безредие. Симболичка слика на дивиот капитализам од неговата либерална епоха laissez faire – laissez passé, татко на сегашната неолиберална доктрина која му дава предност (догма!) на финансискиот, спекулативен капитал на штета на реалниот индустриски (реганизмот и тачеризмот).
Натаму, приказната на Балзак тече по овој ред. Во дното на дуќанчето си седи белокос човек во длабока старост. Кога, збор по збор, тој дознава што била маката на младиот човек, му нуди нешто како волшебна „сламка за спас“, ами и го предупредува дека спасот си има своја цена. Спасот бил во шагринската кожа која, на волшебен начин, можела на човек да му ја исполни секоја желба. Ама, со секоја исполнета желба таа кожа се смалувала (crispation), а на оној кому му исполнувала желба му одземала десет години од животот.
Старецот не пропушта да го извести за таа фалинка несреќниот студент. Му вели дека и тој, во младоста, се нашол во дилема: да избира меѓу: vouloir – сака, неограничена слобода кај Тодоров, исполнување на секоја желба по секоја цена; pouvoir – со ништо ограничена власт и savoir – знае, или увид во сите тајни по кој копнел Фауст на Гете. Тоа „знае“ и „увид“ кај Балзак не се ѓаволска „алатка“ како кај Гете. Напротив, во духот на волунтаризмот на отец Пелагиј, savoir води кон совршеност на човекот, а пак таа го приближува до Бога. Затоа што го избрал тоа savoir, му кажува јасно старецот, тој доживеал толку длабока старост.
Иако ги слуша мудрите совети на старецот, очајниот студент сепак решава да поживее во раскош и задоволство, макар платил за тоа и со многу години од својот живот. Токму како и Фауст на Гете. На таа точка доаѓаме и до сродноста на „постанатиот старец“ (Господ) кај Конески и оној на Балзак во „длабока старост“. И двајцата имаат нешто (или многу) човечко во себеси. По тоа човечко, несовршено и грешно, се сврзуваат со ѓаволот. Ама и двајцата, во тоа е главната порака на Конески и Балзак, спасуваат глава од „премногу човечки“ (Ниче) искушенија. Или, од мрежата на ѓаволот. Вистина, тоа се ретки луѓе, ама сепак – луѓе! Не сите премиери во РМ (поточно ниеден!), на пример, подлегнале на искушението да си купат, со државни пари, бесен мерцедес од 670 000 евра, како Никола Груеску. Можеби е тоа мала разлика. Ама крупна и пресудна: дели луѓе од не-луѓе.
Атанас Вангелов
фејсбук статус