Ѓаволот клиентелизам

од Vladimir Zorba
111 прегледи

Една година по неговата смрт (се самоуби во 1978.) се појави последната книга на знаменитиот чиленски социолог Луис Мерсие Вега. Таа книга има еден, на прв поглед, колку впечатлив, толку и замрсен наслов. Книгата се вика “Државна револуција“ или „Револуција на државата“ (Revolution par l’Etat, Paris 1979.). За да се смали таа замрсеност, и се дава и поднаслов кој појаснува: „нова управувачка класа во Латинска Америка.“ По углед на „Новата класа“ од Милован Ѓилас, дисидент број еден во екс-Југославија, кој се спомнува и во предговрот на Мерсие Вега? Можеби.

atanas-vangelov

Книгата зборува за главните белези на јужно-американските демократии. Сите од ред авторитарни, со лоши, стагнатни економии чии корени се спуштаат до златниот век на шпанско-португалските колони. Економии на крупни (Бразил), средни (Мексико) и мали држави (Уругвај) кои никако да излезат од нивниот вековен „маѓепсан мегдан“ (Г. Тодоровски). Еден од клучните фактори на тие стагнантни економии, плодна почва за сите авторитарни јужно-американски демократии, авторот на книгата „Државна револуција“ го гледа во т.н. “клиентализам“ со чиј лик и дело можевме добро да гo запознаеме во деценијата на пастир Груеску.

Според се што кажува и како кажува Мерсие Вега, тој клентализам е во интимно-еротска врска со месијанизмот и манихејството, лути душмани на демократиите, ама внатрешни, длабоко скриени во нивната интима. Во таа мрачна интима си вадат очи меѓу себе. Ама и „се дупат: наизменично, на општо основание со лезет“, би рекол Бранко Тричковски.

Сето тоа го правaт затоа што се работи за тенденции, силни пориви на модерните демократии. Подземни и темни, како и примарните пориви (Ерих Фром) кај луѓето, тие се брутално потискани и газени, пак како кај нив. Избиваат со сета своја жестокост кога попушта притискот. Тогаш доаѓаат до погодна клима, до силно сонце (Филиповото кај нас) и до добро наѓубрена почва. Тогаш изопачуваат демократии. Тогаш прават демократури (Махник), кусо име за авторитарните популизми (Фрчковски) со демократска стиропор фасада во ретро-барок, зад која се крие деспотската душа со испрчен баќушка-мустак, а во мало, карикатура микро-издание со наслов пастир Николае Груеску. Пред да кажам што е тоа клиентализам според Мерсие Вега треба, барем во груби црти, да назначам што се – клима, силно сонце и наѓубрена почва кај нас. Замислете си мало земјиче кое дига востание (Илинден 1903) под водство на пргави и пркосни (уште и, во прва младост, потфатени од мрежа на ѓаволот кој ни ора ни копа, туку си го мери на песокот) “учителчиња“, како што ги викаат егзархистите. Дигаат востание опколени од настрвени браќа-соседи кои се вртат како изгладнети хиени околу “болниот на Босфорот.“

Мерсие Вега ги вика микро-империјализми тие хиени. Тие браќа-соседи со своите силни, скапи и крволочни четнички пропаганди успеваат во Косовско-битолско-солунскиот вилает (тогашна европска Турција под збирното име Македонија) да искреираат фанатични македонски Бугари: врховисти, егзархисти но и централисти, цреша на торта; македонски Срби-србомани и македонски Грци-патријархисти. Што може да се очекува од такво востание? Уште и без поддршка од меѓународен фактор (Стојан Андов)? А што друго освен ужасна катастрофа, според оптиката на Крсте Петков Мисирков, за што бил солидно тепан во Софија од блиски на „раководците“, како што ги вика тој оние од “Комитетот“. Ете, сите тие егзархисти, патријархисти и ачик-србомани се клима, сонце и наѓубрена почва за „ужасната катастрофа“ која, во мирнодопски услови, се повтори по сценарио, режија и главна улога на пастир Неколае Груеску. Едно „валкано боксерче“ (М. Велиновска) во првата младост кое дотурка до премиер на државичето Македонија. Исти ужаси. Иста катастрофа како во 1903. Иако бескрвни.

Можеби со нешто крвца (кумановско “Диво насеље“) наспрема илинденските, поројни реки крв. А сега, што е тоа клиентализам според оптиката на Луис Мерсие Вега? Каков е неговиот лик? Има ли рокчиња, опаш и трозабец? Како оној Трисмегисто Натемаго на Бодлер? Кои се неговите родители? Каде живее и работи? Си го мери ли и тој на песокот затоа што нит’ ора нит’ копа? Како класиката Мефисто на Гете? Од што живее? За што живее? Има ли заеднички, допирни точки? Пресек, според Русинот Колмогоров, со нашиот тазе, локал-клиентализам a la Николае Груеску?

При се што оној на Мерсие Вега зборува шпански и португалски? Еве кус и концизен одговор на сите тие и ред други, помалку или повеќе важни, слични прашања, од книгата на знаменитиот (за некои анархист) Луис Мерсие Вега. Тој вели вака во својата „Државна револуција“: „Уште еднаш, ситуациите се сложени и тешко сведливи на еден модел. Тоа што може да се уочи, тоа е потргата по клиенти се повеќе и подиверзификувани за да им дадат народна (populaire) основа на економските политики кои изразуваат интереси или волја на новите претприемачи што повлекува движење на маси, се помногубројни. Тоа е работа која не оди без модификација на политичките системи и без процут на очигледно контрадикторните феномени: активност на популистичките партии од демократски тип – APRA во Перу, Демократската Акција во Венецуела – воспоставување на авторитарни режими“ (стр. 33) итн. Значи, црвената нишка, допирната точка и пресек на сите тие различни демократски биографии на латино-амеросите, со жив и жилав корен во почвата на шпанско-португалскиот колонијализам е општата „потрага по клиенти.“ Уште и „диверзификувани“ клиенти. Има ли таа пароксистичка „потрага“, која врзува во едно различни демократии, некоја врска со клиенталистичката теорија и практика на пастир Николае Груеску? Дали е таа само негова, оригинална „снаоѓалица“ (М. Грчев)?

Или пак „потрагата“ има врска со нашата непосредна историја? Ќе се обидам да дадам одговор на тие „горешти“ прашања. Ако не убедлив и добар, тогаш барем документиран одговор. Зошто? Затоа што живуркаме во окови на клиентализам, темел на режимот на пастир Николае Груеску.

Атанас Вангелов
фејсбк статус