Лидерот на СДСМ, Зоран Заев најави широк фронт на партиите од левицата и од центарот на претстојните избори, а кои како што вели тој, ќе бидат предводени од граѓаните на Република Македонија.
На Конгрес на СДСМ, Зоран Заев во својот говор по одлуките на делегатите, ги повика сите граѓани на земјата да им се придружат и заедно на 11.декември да ја променат власта во Македонија.
– Граѓаните мора да бидат приматот на нашето општество. Доста вложувавме во споменици, цела енергија треба да ја насочиме кон поединецот. Последните три месеци правевме секаков вид анализи и перцепции… сите политички партии кои стоевме зад граѓаните ќе продолжиме да стоиме зад нив. СДСМ и сите партии од левиот блок и центарот, ќе влезат во широк фронт во сојуз со индивидуалци, интелектуалци, поединци, граѓани на Македонија. И заедно сите, предводени од граѓаните ќе ја поведеме борбата во финалето, порача Заев меѓу другото во завршниот говор.
Тој смета дека по изборите на 11.декември, овој широк фронт ќе покаже пред светот дека, како што вели, можно е да падне еден автократски режим на гласање, поради љубовта на луѓето кон својата земја.
На денешниот конгрес Заев соопшти дека делегатите на партијата донеле заклучок за Планот 180, или плановите за шестте месеци работа и резултатите на новата влада, за креирање на општество „спротивно од ова што го имаме денес“.
СДСМ го претстави и Планот 24 – план за итните реформи во периодот од 24 месеци или две години во кои Заев се обврза на реформи кои смета дека ќе ја вратат земјата на евроатлантскиот пат.
– Ќе се гордееме со овие планови кои ќе ја донесат Македонија да чекори напред рамо до рамо со сите европски земји, порача лидерот на СДСМ.
ШТО КАЖА ЗАЕВ?
Погледнете го целосното обраќање на лидерот на опозицијата Зоран Заев тука