
Дојче Веле – Берлин
Тајните служби за безбедност треба да бидат целосно реформирани со основање на руско Министерство за државна безбедност или скратено МГБ, што ќе претставува „враќање на КГБ”.
Тоа ново „суперминистерство” треба да биде основано со спојување на Федералната служба за безбедност (ФСБ), Тајна служба за надворешна безбедност и на Федералната служба за надзор (ФСО), која се грижи за безбедноста на високите политичари и државните службеници, наведува „Комерсант“.
– Владимир Путин кој во времето на Советскиот Сојуз и самиот бил офицер на КГБ, ги реформира тајните служби пред претседателските избори во 2018 година, што фактички претставува ново воспоставување на советскиот КГБ, оцени рускиот весник „Комерсант“.
Сеопфатната реформа на тајната служба почна минатава пролет со основањето на Руската гарда.
Таа нова организација е основана врз основа на т.н. Внатрешни сили на на Министерството за внатрешни работи и е слична на единиците на армијата. Руската гарда е подредена лично на Путин.
Весникот наведува дека на чело на таа гарда е поранешниот телохранител на Путин, Виктор Солотов. Функционерите во Москва извештајот на „Комерсант“ до сега не го потврдија, но ниту го демантираа, а портпаролот на Путин, Дмитриј Песков во понеделникот за тоа не сакаше да зборува.
Русија пред претседателските избори во 2018 година треба да добие Министерство за државна безбедност, со што моќниот советски КГБ, под друго име може да го врати „времето на Сталин”.
Весникот ги наведува и расправиите околу името на новото Министерство, со оглед на тоа дека МГБ е „оптоварен со историјата”.
– Злогласната тајна служба го носеше името МГБ од 1946, па се до смртта на Сталин во 1953 година. Точно е дека се работи за само неколку повоени години, но тоа е време на ужасната репресија на Сталин, потсетува рускиот публицист Олег Кашин за Дојче веле.
Според анлизата на независниот Институт за истражување на јавното мислење „Левада-центар“, објавено во март годинава, 54 отсто Руси позитивно гледаат на улогата на Сталин во Советскиот Сојуз.