Иако повеќегодишните обиди на научниците да откријат начин кој ќе го претвори вечниот живот во пристапен сон, тоа тешко ќе се случи. Според последното научно истражување на Американците никој нема да успее да го победи досегашниот рекорд од 122 година за најдолго човечко постоење, независно од генетските или фармаколошки интервенции.

Шансата да се случи ова е едно од 10 000, тврдат научниците од Американскиот колеџ за медицина “Алберт Ајнштајн”. Користејќи податоци од речиси 40 земји од целиот свет, истражувачки тим со седиште во Њујорк, открил дека “таванот” на човечкиот животен век веќе бил достигнат во 90-тите години на минатиот век. Рекордот беше поставен во 1997 година од Французинката Жан Калман, која достигна неверојатни 122 години и 164 дена.
“Денес максималното времетраење на животот на луѓето е фиксно и подлежи на природни ограничувања”, коментира авторот на научниот труд Брендон Милхолан. Ова би можело да се промени, се разбира, во случај на големо и неочекувано откритие во областа на медицината или технологијата. “во последните неколку децении иновациите во медицината може и да откриле средства за подобрување на квалитетот на нашиот живот, но не и за зголемувањето на максималната должина”, изјави уште Милхоланд. Според него научното откритие кое би можело да го промени тоа, треба да надмине “сè што сме виделе досега”.