Покојниот претседател Киро Глигоров не го мирисаше многу нашиот Циле Национале како што почна да го вика нашата јавност; „џемпераш“ онаа во Србија и пошироко; оној што не го збира ни “двоседи боб“, според пис-јазикот на некои елитни женски пера во Хрватска. Веројатно, Глигоров зборува за тоа и во своите „Мемоари“. Си допуштам слобода и јас да кажам нешто. Сум го чул со свои уши, во стек на поволни околности, од устата на Глигоров.

Во паузата меѓу двата круга на парламентарните избори во 1998., кога веќе се наѕираше победата на коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ на Георгиевски и ДА на Тупурковски, Глигоров го „просветлуваше“/храбреше тогашниот шеф на СДСМ Бранко Црвенковски. Од неговиот дискретено замислен поглед и загржено лице лесно можеше да се разбере дека ништо не запира изборна кола која јурнала надолу. Со нему својствената кротка смиреност која зрачи сигурност, Глигоров објаснуваше: како Тупурковски, неформален амбасадор на претседателот во САД со задача да работи за „македонцкато прашајн’е“ (Мисирков), му донесол некоја сметка од 12 000 долари за службен ручек со Американци. Згора на тоа и друга сметка за клавир, цирка 100 000 долари, за син му. Со мајка му живеел во САД. Нормално, како претпазлив човек, „стар лисец“ како што го викше широката јавност, Глигоров го упатил Цилета кон кабинетот на Црвенковски. Односно кон „владата“ која била надлежна за тоа, како што се изрази Глигоров.
Ако се прашаме сега која е целта која правда средство да се обелоденуваат работи од доверлив, интимен карактер преку посредник – маша (во овој случај Црвенковски), сомнителна работа од морална гледна точка за која Тупурковски, во својата „Историја на Македонија… “, користи име „политички прагматизам“ или “институција политички брак“ (од која еден „стар лисец“ се чува како ѓаволот од крст), нема друго освен овој одговор: целта да се победи на избори е во состојба да го правда и оправдува средството огрешување кон морални начела.
Kако, на пример, употребата на други за тоа што требало јас да го сторам. Или, како што вели Циле, „институцијата политички брак“ како “вештина“ на сите од династијата на Пердика била нивната добра компензација за „неконзистентните“ политики. Впречем, нели политиката не е морал и обратно? Иако, без морална рамка, секоја политика губи смисла како што, во живо, ни покажа груевизмот?
Црвенковски, добро познат како човек кој брзо мисли, уште побрзо го сфати скриениот мотив на Глигоров кој ретко или никогаш не си дозволува да изнесува „пикантерии“ за активни луѓе од политиката, дури и за такви кај кои препознава некој потенцијал за политика. Токму затоа, со видлива резигнација која не можеше да ја скрие неговата огорченост, му се обрати на Глигоров: “зошто дури сега ми го кажувате тоа, претседателе?“ Бранко многу добро сфати “зошто дури сега“ му го кажува. Ама, формата прашање требаше, колку-толку, да ја скрие огорченоста од лефтерната леснина (неподнослива според Кундера) со која деликатни, неретко валкани работи во политиката, Глигоров им ги препушта на други.
Решеноста на Глигоров да се послужи со некои, за јавноста малку познати склоности на Тупурковски во момент кога нему му се насмевнува парламентарна победа има и друг, силен мотив од тоа време. Мотивот е врзан со спорот за името со соседна Грција. Наводно, на некоја средба со Алојз Мок, тогаш министер за надворешни работи на Австрија, Тупурковски изјавил дека лесно ќе се изнашло решение за мачниот спор со Грција. Скриена сугестија за тоа дека врвот, на чело со Глигоров, е тој што кочи работа? Вода која се врти кон воденицата на соседна Грција? Токму така вели „лесното“ на Циле за кого главно било “да си ги вратиме имотите во Грција.“ Околу тоа расправеше и за тоа го черечеше тогаш печатот во унисоната, оркестрирана кампања против Циле Национале. Јасно, прва виолина во тоа черечење беше М. Велиновска, тогаш интимус на Бранко и. Кирца.
Во тоа време Глигоров беше тврд, непопустлив имебранител. Не веруваше во никаков “разумен компромис“ (Иванов). За него тоа можеше да биде само гнил компромис, рамен на национално предавство – самоискоренување, déracinement, како што го вика тоа Ками. Не веруваше ни потоа, кога почнаа преговори во ООН со посредство на Американецот Метју Нимиц, а Глигоров ја беше завршил својата кариера како претседател на држава. Како еден од главните ликови во Форумот за демократија на Трифун Коставски, тој искажа крупни резерви кон тие преговори, силен удар за владата на Црвнковски која даде зелно светло за преговори.
Тие детали за полит-филозофија на Тупурковски сум ги слушал од устата на Глигоров. Ако не се исцело точни, тогаш содржат барем зрно вистина. Многу добро зборува тоа зрно кои и какви се корените на тоа што во својата “Историја на Македонија“ Тупурковски го вика “институција политички брак“. Таа институција е оската на неговата политичка фолозофија. Му помогна да дојде до функцијата член на Претседатлство на екс-Југославија. Тој ја глорификува на многу места во својата “Историја на Македонија…“ Како што го глорификува и прагматизмот во политиката на монарсите од династијата на античка Македонија. Дури го опишува тој прагматизам како демократија која била “кохезивна“ во споредба со онаа на атинските владетели кои се одржувале на власт со “принуда.“ Пишува ли Циле „објективна“, логичка историја, а не “волунтаристичка“, кога атинската демократија ја става подолу од онаа на македонските антички монарси?
Дали во таа оптика не се меша оној кому Грците му “одзеле имоти“ по граѓанската војна?
Таа упадлива глорификација на „нашите“ си има свој мотив кој директно ја врзува со груевизмот. Мотивот е во патриотизмот на зборови. Во патриотизмот фасада (друго име за механизмот рационализација) зад која се кријат подруги, прозаични цели. Да речеме, страста по власт од која цел живот живеел Циле. Но и пастир Никола Груевски кој власта ја разбира како погодно средство да си натрупа една планина пари, откако ќе корумпира сè живо и диво за да остане неказнет. Природно, корумпира со туѓи, државни пари, пањатна!
Атанас Вангелов
фејсбук статус