Точниот датум на политичкиот дуел Груевски-Заев (сè уште трае) најдобро го знаат неговите главни актери. Детали во општа форма кои не ги прецизира, соопшти Груевски во својството премиер на влада.

Како што е добро познато, пастир Никола Груевски и се обрати на македонската јавност со драматичен говор на ден 31 јануари 2015. Jа изложи, во тој говор, својата верзија за почетокот на тој дуел.
Неговата тогашна приказна се сведува на следново. Пред некое време, шефот на опозицијата Зоран Заев кој одби да ги признае последните парламентарни избори иако, меѓународната заедница ги оцени како „ефикасни“ (но не „демократски и фер“), побарал прием кај премиерот кој и го добил. Мотив за приемот биле документи до кои, на „нелегален начин“, дошол шефот на опозицијата. Тој му покажал нешто од тие документи за да го увери дека навистина ги има. Според зборовите на експремиерот, некои биле „точни“, други “делумно точни“, трети пак “неточни“. Врз основа на тие документи, Зоран Заев побарал оставка од него како премиер. Но и од неговата влада. По таа непристојна понуда (работа која не ја кажа тогашниот премиер, а се подразбира од неговите следни чекори), Груевски најверојатно побарал време “да размисли“ како да одговори на понудата, на што Заев (наивно?) се согласил.
Во меѓувреме, како совесен човек и легалист, тој го известил јавниот обвинител дека шефот на опозицијата дошол кај него со „уцени“, а пак тој издал налог до тајната полиција да ги сними разговорите меѓу премиерот и шефот на опозицијата кој уценувал со нелегално прибавени докумети.
Тоа се тие “материјални докази“ за аферата “Пуч“ која го товари Заева за „обид за државен удар.“ Тој дуел меѓу премиер, персонификација на легална власт и шеф на, исто така, легална опозиција, ја има хегелијанската структура теза-позиција и антитеза-опозиција.
По карактер, таа структура е напрегната, полемичка и конфликтна, затоа што одност меѓу тезата и антитезата е однос на остра противречност. Тој однос во логичката шема на Хегел доаѓа до разрешница во „синтезата.“ Taa синтеза игра улога на посредник (медијатор, модератор, арбитер) кој олабавува напрегнатост – отстранува противречност меѓу теза и антитеза. Еден вид модерна верзија на таа хегелијанска шема имаме во т.н. тернарни (тричлени) опозиции во логиката на Робер Бланше од типот “топло-млако-студено“.
Третиот член „млако“ (neutrum, ne utrea; не е крајно, не е екстрем) е посредник, модератор и медијатор меѓу тезата-позиција “топло“ и антитезта-опозиција „студено.“ Тие образуваат т.н. бинарни (силни) опозиции. По овие неопходни појасненија се враќам на настаните кои уследија по говорот на Груевски од 31 јануари 2015.
До говорот на Груевски јавноста знаеше само дека шефот на опозицијата располага со нешто врз основа на неговите изјави. Ама, не знаеше и со – што. Пред тој говор, во декември 2014., дојде до масовни студентски протести. Се обиде Груевски да ги „изменаџира“ на свој начин, како и дотогаш. Упадна на една јавна конференција за печатот на Професорскиот пленум кој им даде поддршка на студентите. Успеа да го збуни, го натера, на чело со тогашниот ректор на УКИМ да решаваат „во институции“ проблем со Закон за високото образование, иницијална каписла за масовните студентски протести. Почна да се решава тој проблем во Парламентот.
Сите конци ги држеше во свои раце Груевски кој не се стеснуваше да го понижи ректорот кога му рече дека тој очекувал да се појави „подготвен“ на состанок со власта. „Подготвен“, затоа што имал доволно време да го гледа тој закон и, по него, заедно со органите не УКИМ, да се “изјасни“. Беше ли, таа работа со нов Закон за високо образование, а со неочекуван драматичен тек (тргна наопaку!), планирана тензија од низок, среден, па дури и од висок, ама сепак под контрола, интензитет?
Теледиригирана општа “врева и бес“ (Фокнер) на раздразнета и разјарена јавност, како студентската популација, на пример, која може да се држи под контрола со силни полициски сили? Режирана „врева и бес“ како добар амбиент кој ако не ја задуши исцело „слушноста“ на оние документи во рацете на Заев (тој се заканува дека ќе ги објави!), тогаш барем ќе ја смали? Ако не до нечујност, тогаш до доволно отежната чујност? И колку да изгледа неверојатна една варијанта од тој и таков вид, добива на веројатност. Добива, затоа што власта, преку тајната полиција која, како што се дозна нешто подоцна, се прислушкувала и себеси во тек на неколку години, не можело да не знае што готват студенти за да го уништи “превентивно“, со неколку апсења на главните ликови, уште во зародиш протестот за кој знае сè.
Власт која како од шега уништи медиумска империја (Геровски) како онаа на Велија Рамковски и со половина семејство го прати во апс; власт која го крена во воздух „Космос“ на зет му Фијат Цаноски во вредност од 64 милиони евра; власт која го прати во апс и својот “брат Љубе“ откако почна да мафта со чешки докази за чешки бизниси на “фамилијата“; една таква власт немало да му ја мисли многу, немало десетпати да мери пред да пресече така што ќе поапси десетина студенти како некои „десетина новинари“ (предлог на Протуѓер) за да сосече во корен протест.
Ете зошто мислам дека е логична хипотезата за допуштена општа “врева и бес“ – “пречки на врските,“ “снег на ТВ-екранот“ за ефектот слушност на оние документи кои се заканува да ги објави шефот на опозицијата Зоран Заев.
Тешко е, во овој момент, да се одговори на прашањето што било пресудно? Која грешка во чекори на власта придонесе работите да тргнат наопаку? Дали не било фатално тоа што, по објавата за „државен удар“, Заев остана на слобода? Уследи, по тој драматичен говор на Груевски, серијата “бомби на Заев“ која, во истиот момент, нивниот персонaлен дуел го дигна на степен на – социјален.
Атанас Вангелов
фејсбук статус