Чешката автомобилска индустрија „Шкода Ауто” информира за зголемена продажба за 14,4 проценти на годишно ниво, односно продадени 107.000 автомобили само во месец септември, јави дописникот на МИА од Прага.
Најголем успех фабриката забележала на европскиот пазар и во Кина.

Најпродаван модел останува Октавиа, од која во септември се продадени 40.900 автомобили, односно на годишно ниво за 12,4 проценти повеќе. Втор најпродаван модел е Шкода „Фабија” со 19.800 продадени парчиња, на трето место е Рапид, а на четврто е моделот Суперб со продадени 101,2 проценти повеќе од претходната година.
Во поглед на моделот „Јети” е забележан пад на продажбата за 18,6 проценти на годишно ниво, како и со типот „Сити-го” со продадени 4.600 автомобили.
Пораст на продажбата, фабриката бележи во западна Европа со продадени околу 50.000 автомобили, во одделни земји како Финска пораст за 27,3 проценти, Италија за 24,4 проценти, во Швајцарија за речиси 15 проценти, Белгија за 14.1 процент, Франција за 12 проценти.
Пораст е забележан и во Германија, Велика Британија и Шведска со зголемена продажба за над 6, над 7 и над 8 проценти. Во Кина, ,,Шкода” бележи најдобар месец во целата историја, пораст од 3,4 проценти на годишно ниво, односно само за тој месец 32.000 возила.
,,Шкода Ауто” во минатата година продала над еден милион автомобили, од трите фабрики сместени во чешките градови Млада Болеслав, Квасини и Врхлаби, како и во Кина, Русија, Словачка, Индија, Украина и Казахстан преку нејзините концерн и локални партнери. Вработува 26.609 луѓе.