Финскиот филм „Бетонска ноќ“ на режисерката Пјеро Хокансало, припаѓа на новата генерација естетски нарации кои го отвараат новото поглавје во визуелниот приказ оживувајќи го шармот на црно белата техника.
Прочистен од категоризации на просторот, авторката се обидува да создаде еден рефлектирачки импулс на секојдневието, исполнет со апсурдизмот на човековото постоење, кој е исправен пред моралниот диспозитет на себеспознавање преку етичкиот код за доброто и лошото. Од тука, не случајно се совпаѓа црно-белиот тоналитет на филмските кадри, кој го опишуваат карактерот на самата филмска приказна која се обидува да најде одговор меѓу две крајности, стравот и љубовта.

Хокансало заедно со финската режисерка и актерка Пирко Саисио, успеале да изградат сценарио кое се развива низ неколку клучни сегменти: казнениот систем на една држава, религискиот концепт на општетството и семејните односи.
Главниот протагонист на „Бетонска ноќ“ е тинејџерот Симо (Johannes Brotherus), кој живеат со мајката и братот како отпадници во општеството. Дејството е сместено во сиромашен кварт и често гледачот е соочен со светот на отуѓените и маргиналците.
Како исклучителни елементи во филмот се техниките кои ги употребува режисерката за изнаоѓање на решенија во доближување и осознавање на просторот и атмосферата како крајно поетични, потенцирајќи прашина која ја отсликува емоционалната деградација. Користејќи рефлексија во стакло, вода и огледало, Хокансало го оцртува себеспознавањето на филмските карактери.
Големото отворање на филмот е изградено преку сон на Симо каде се соочува со сопственото пропаѓање како давеник, што ќе ја реши филмската завршница како големо финале на животот кој се ослободува од стравот преку смртта, остварувајќи ја имагинацијата. Оправдувајќи го принципот на постоење преку одземање на туѓ живот, Симо ја осознава сопствената трагедија, а тоа е безнадежноста на опкружувањето и не можноста да се интервенира во една крајно безизлезна ситуација.
Симболното е постојано исцртано во филмскиот наратив кој се гради во линеарна суштина, и бара претпазливост од гледачот во разбирањето на пораката која метафорично е исцртана преку негирање на религиозни елементи, но истовремено крајно интегрирани во оцртувањето на невиноста и важноста за разбирањето на животот како активен и движечки.
Инаку, во 2014-та година на 35. ИФФК „Браќа Манаки“ гостуваше кинематограферот на Бетонска ноќ, Петер Флинкенберг.
Вероника Камчевска