Многу сум горда на Спасов. Искрено сакам најсрдечно да му честитам за интелигенцијата со која ја краси нашата генерација, дека вие Спасов сте репрезент на мојата генерација, како таков и урнек на многу млади во државата. Денеска го гледам твојот анкетен лист, богами, како краен неолибералист, вие сте успешен млад човек. А, јас се уште се чувствувам како панталоните во „Крајот на играта“ една драма од Семјуел Бекет, ама тоа што е важно во приказната. Чисто имам потреба да ти кажам, дека ти си најголемиот сон на македонските родители. Млад, талентиран, симпатичен. Ете, поради вакви слични ситуации мајка ми не ми правеше муабет четри недели. Сега само што зборнавме, ама ако го види твојот анкетен лист, тешко мене. Жената ме убедува дека има работа во Македонија.

Вие Спасов сте оженет човек, гледам цените уметност, ама и златото не ви е туѓо. Искрено тоа што сум невработена и хонорарец не ме прави фрустрирана. Чисто ме демотивира, оти вие Спасов сте бекетовска судбина и најголемиот сопатник на Естрагон. Мислам дека се разбираме, така, сигурно по рафтовите имате некое дело од Бекет, а бога ми и од Ками. Дека не сомнено си фан на Кафка, видивме од последната сцена, и храброста да и побегнеш на полицијата. Така е Спасов, не им веруваме на институциите, само напред. Не знаев дека си толку субверзивен, сакам да пијам кафе со тебе. Конечно призна дека не им веруваш. Па нормално ти си млад и храбар човек, знаеш како е во орвеловска држава, а посебно во Министерството за вистина.
Вие Диме, сигурно сметате дека бубачката на Кафка е чиста фикција на Грегор Самса, но јас мислам дека Самса е роден како бубачка, а ние како бубашваби. Замисли Спасов, ние сме бубашваби, како се чувствувате сега? Дали пребаравте по полици и ја земавте книгата „Преобразби“, ако ја немате јас ќе ви ја подарам, не дека не ми е драга ама сакам да ја има еден толку успешен и млад човек од Македонија.
Дали сметаш дека треба да бидам исплашена? Да, јас сум женско и живеам во Македонија. По твоја логика, треба да бидам семеен човек, ама замисли јас сум шок Спасов, абјектив. Ете, мене не ми е срам да признаам дека печурките од ова ситна политика го метастазираат моето тело. Дека сум безобразен ничевски морал, јас знам зошто бог е мртов, мртви се сите богови Спасов.
А, ти немој да се плашиш, твојот дисидентизам е одлична парабола за новото време.
Вероника Камчевска