Дојче Веле – Берлин
Многу европски политичари би сакале на претседателските избори во САД да победи демократската кандидатка Хилари Клинтон, бидејќи Трамп е голема непознаница за Европа, за разлика од Клинтон, со која може многу работи да се постигнат, смета германскиот пратеник во Европскиот парламент Дејвид Мекалистер.

– За него (Трамп) не знаеме многу. Не знаеме многу за неговата надворешна политика, бидејќи тој за тоа многу не зборува. Меѓутоа, кога малку ќе се навлезе во детали, тогаш тоа звучи застрашувачки, вели Мекалистер, кој е и шеф на пратеничката група во Европарламентот, задолжена за односите со САД.
Во Европа, како што потенцира, подобро ја познаваат Клинтон.
– Таа верува во силните трансатлански односи. Заедно со неа можеме да постигнеме многу работи, оцени Мекалистер.
Многу политичари во Европа лично се сретнуваа со Клинтон додека таа беше државен секретар и од неа се очекува континуитет.
Претседателите на САД, и демократите и републиканците, секогаш се колнеа во НАТО како важен фактор на безбедноста, но Трамп ја доведе во прашање и Алијансата.
Тој рече дека ќе ја поддржи Германија, сако ако таа плаќа за својата безбедност.
– ЕУ и САД имаат многу тесни и силни врски. Мора да се концентрираме на тоа тие врски и натаму да ги јакнеме, без оглед на тоа каков ќе биде резултатот од изборите. Мора да бидеме подготвени и за добри и за лоши времиња, предупреди Мекалистер.
Зборувајќи за трговскиот договор, Мекалистер вели дека повеќе не и верува на поранешната дежавна секретарка, иако републиканците традиционално повеќе се наклонети на протекционизмот.
– Ако ги споредите изјавите на Хилари Клинтон и Доналд Трамп, ќе видите дека транспацифичкиот трговски договор за нив има многу поголема улога од трансатланскиот трговски договор, но од првата претседателка во Белата куќа тука сигурно може да се очекува повеќе, наведе Мекалистер.
Во Брисел сепак има и симпатизери на Трамп, пред се во редовите на десните популисти. Британскиот пратеник Најџел Фараж, кој ја водеше кампањата за излез на Велика Британија од ЕУ, смета дека сексистичките испади на Трамп и мачизмот, се гревови кои можат да се простат.
– Тоа барем покажува дека е искрен. Тој е таков каков што е, а не се кандидира за папа, туку за претседател на САД. Тој е само човек од крв и месо, а секој човек има свои недостатоци, кои кај Трамп сега на сите ни се познати, рече Фараж во интервју за американската телевизија Фокс.
За Хилари Клинтон, како што вели, не се знае точно кои тајни ги крие.
Трамп го фалеше излезот на Велика Британија од ЕУ и смета дека таа е непотребна и дека Германија е легло на терор и насилство.
Од друга страна, германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле во една прилика, по еден состанок со своите колеги од ЕУ, рече дека го гледал вториот телевизиски ТВ дуел меѓу Клинтон и Трамп, во кој Трамп и се заканил на Клинтон дека ќе ја уапси ако дојде на претседателска должност.
– Ако тоа биде начело според кое ќе донесуваме политички одлуки, тогаш Господ нека ни е на помош, кога станува збор за демократијата и владеењето на правото, порача Шојбе.
Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер го нарече Трамп „проповедник на омраза”. Институциите на ЕУ се уште не изнесоа официјални ставови за предизборната кампања во САД, иако малкумина се тие кои можат да замислат дека Трамп ќе стане нов претседател на САД.
Еден европски дипломат, тоа го сумираше со зборовите дека Трамп е „луд”, а Хилари „не е совршена, но е предвидлива”./МИА