Париз – Француската авионска компанија „Ер Франс” отвора нова нискобуџетна компанија за подобро да конкурира на пазарот на компаниите со Блискиот исток и другите лоукостери. Новата авиокомпанија се уште нема име, а не се познати ни линиите на кои ќе летаат нејзините авиони. Новиот генерален директор на „Ер Франс” Жан-Марк Жанејак е решен да го врати уделот на пазарот по неколку години болни откази и реформи.
Франкфурт – Втората најголема германска банка, Комерцбанка, во третото тромесечје претрпе нето загуба од 288 милиони евра. Загубата е последица на големите реформи на работењето кои ќе предизвикаат откази на една петтина од работната сила. Профитот на Комерцбанка во третото тромесечје изнесувал 429 милиони евра, што е за 0,5 отсто помалку на годишно ниво, но остварениот приход е потрошен поради трошоците за реформите.
Минхен – Германскиот производител на автомобили БМВ забележа раст на нето профитот од 15 отсто во третиот квартал, што е нов компаниски рекорд за тромесечјето јули-септември. Нето профитот на БМВ, благодарение на зголемената продажба на моделите „Мини” и „Ролс Ројс” и растот на работењето на неговиот сектор за финансиски услуги, порасна на 1,8 милијарди евра (2,0 милијарди долари) во однос на 1,6 милијарди евра од истиот период во 2015 година. Приходите изнесуваа 23,4 милијарди евра.
Лондон – Британскиот телекомуникациски гигант Водафон прифати да го продаде секторот за фиксна телефонија во Холандија, Водафон Тулс, на германската фирма Т-Мобајл. Британската компанија, која е на листата на Лондонската берза, вети дека оваа деловна единица ќе ја продаде до февруари за да добие одобрение од Европската комисија за спојување на „Водафон Холандија” со фирмата Зиго, огранок на холандската фирма Либерти Глобал.
Москва – Рускиот претседател Владимир Путин сака да го „национализира” интернетот и во трката со САД тој има нова цел – Мајкрософт. Русија сака постепено да ги намали увозните хардверски и софтверски решенија и да ги замени со домашните кои се развиени на територијата на државата. Путин сака да го забрза целиот процес за напуштање на софтверот на Мајкрософт, пред се како што се наведува, поради безбедност т.е. ризик кој претставува странскиот софтвер.
Пекинг – Кина и Русија ќе инвестираат до 20 милијарди долари во развој на широкотрупен млазен авион за долги релации, пишуваат кинеските медиуми. Оваа агенција оценува дека Пекинг со тоа настојува да парира на водечките западни производители Боинг и Ербас. Овој исклучително амбициозен план го договорија Комерцијалната авионска корпорација на Кина (COMAC) и руската Обединета авионска корпорација (UAC), која го произведува Сухој Суперџет 100, во јуни оваа година.
Њујорк – Компанијата SAP ги објави резултатите за третиот квартал оваа година, кои покажуваат дека во финансиските резултати, се поголем удел има приходот од клауд. Како што се наведува во соопштението, клауд решенијата опфаќале 14 отсто од вкупниот приход на SAP, кој во третото тромесечје оваа година изнесува 5,37 милијарди евра, што е раст на учеството од 2 процентни поени, во однос на истиот период лани./МИА