Филмските приказни кои се редат на „Синедејс“ уште еднаш го потврдија авангардниот пристап на организацискиот тим на МКЦ (Младински културен центар, Скопје), што овој фестивал го градат како репрезент и застапник на уметничките вредности на седмата уметност.
Поделен во неколку програми, љубителите на филмот не можат, а да не го најдат своето место пред филмските платна на Кино Милениум, Фросина и омиленото Џебно кино на МКЦ.

Реткоста која ја пружа „Синедејс“ е можноста да се видат европкси филмови кои не се вбројуваат во популарните листи на интернет, туку во самата срж на развојот на филмот. Од една страна фестивалот ги прикажува веќе докажаните режисерски имиња од класата на Вим Вендерс, Џим Џармуш, Педро Алмодовар, а големиот акцент е ставен на евроспките филмаџии кои допрва ќе се запишат во книгата на режисерските имиња што допринеле во прогресирање на европскиот филм.
Не случајно Фестивалот за европски филм „Синедејс“ е урбана димензија не само за Македонија, туку парира на европските фестивали кои филмот го негуваат како интегрирање на сите уметности.
Да не се познава и препознае важноста на „Синедејс“ е голем општествен пропуст, кој допрва треба да се дополни со поголема заложба од институциите задолжени за промовирње и подршка на уметноста. Фестивалот години наназад финансиски не прогресира, а ваквиот однос мора да биде надминат од страна на „чуварите“ на буџетските пари.
„Синедејс“ е градење на свест, емоционална каписла на прогресирачки дух. Овој фестивал е река можност да се чувствува креативна припадност. Интелигентниот пристап на организаторите, не е акцентиран само на филмската промоција, туку и на музиката, дебатата за филмот и неговата важност во социјалната и културолошка поставеност во општетсвото.
Вероника Камчевска