Спекталураното апсење на рускиот министер за економија Алексеј Улјукаев ги шокираше Русите. Бидејќи станува збор за многу повеќе од она што се тврди официјално, пишува нашиот дописник во Москва за DW.

Пред законот сите се еднакви. А за корупција се добива казна. Рускиот министер за економија Алексеј Улјукаев го доживува тоа сега на грбот. Се тврди дека е корумпиран. И дека земал два милиони долари на рака, за да дозволи на големиот концерн “Роснефт” да проголта друг нафтен концерн – “Башнефт”. Такво е барем мислењето на руското обвинителство.
“Обвиненијата се тешки”, вели портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Според член 290, став 6 од Кривичниот законик, во случајот станува збор за корупција во особено големи димензии. Такво обвинение бара многу сериозни докази кои истрагата треба да ги поднесе до судот. Досега е добро.
Никој не го верува
Лошото е дека, сепак, освен Кремљ никој друг не верува на овие обвинувања. И никој не може дури и да се замисли дека Улјукаев би зел поткуп. Не можат да поверуваат ниту во Министерството за Улјукаев ниту во Руската централна банка, ниту пак во соодветните државни служби, кои го следат и го контролираат предметниот договор. Притоа сомнежите се изразуваат на глас – нешто многу невообичаено за Русија, каде што луѓето трипати ќе помислат пред да приговораат против официјалната линија.
Во исто време никој не се сомнева дека шумното апсење на министерот и обилно медиумско покривање биле совршено координирана акција на тајните служби. Бидејќи ФСБ од пред една година го има забележано Улјукаев, а од крајот на летото го прислушувала телефонски, како што објавија бројни руски медиуми, повикувајќи се на извори во безбедносните служби и во владата. Претседателот Путин, кој своевремено беше шеф на тајните служби, очигледно е свесен за тоа. И не презел ништо. А всушност можел едноставно да го отпушти Улјукаев. Можел и многу порано да го обвини за корупција и да го предаде на судот. Наместо тоа, на Улјукаев му организираа демонстративен притвор, кој беше претворен во вистинско шоу.
Такво шоу организираа своевремено и на гувернерот на Кировска област Никита Белих. И тој, како и Улјукаев, беше примамен во стапица и го “разобличија” на место со пари во рака. Иста шема, исти обвиненија. А најважно – двајцата многу се слични во однос на политичката ориентација.
Стартер сигнал за политички чистки?
Белих хранеше симпатии кон партијата на убиениот опозиционер Борис Немцов. Тој беше млад и амбициозен човек кој сакаше да ја напушти покраината и да се насели во Москва. Министер Улјукаев пак ја олицетворени последната надеж на мнозина за еден полиберален економски курс на Русија. Тој беше и единствениот гарант на западните инвестиции во земјата. Дали пак неговиот притвор не е стартер сигнал за натамошен политички чистки? Бидејќи во Москва веќе се прашуваат чија ли глава ќе е проектирана сега.
Да имаме предвид и уште нешто. Апсењето на Улјукаев – барем така како го замислуваат властите – всушност е сериозна критика против самата руско влада. Бидејќи ова апсење значи дека во Русија не постојат никакви механизми за спречување на корупцијата. Дека зад фасадата на Алексеј Улјукаев – таков каков што со децении го познаваат околните – се криел искусен криминалец. Дека истиот тој човек ноќе ги крадел државните концерни, а дење разговарал со министрите и со Путин за динамиката на бруто домашниот производ. И така никој, ама навистина никој, освен херојските тајни служби, не можеле да видат каков генијален криминалец се крие зад невиниот лик на Улјукаев…
Методите за дисквалификација можат да бидат најразлични, барем онака како што тоа го прават разунавачките служби. Од обинение за педофилија до најподол државен крадец. Секако, за никако обвинетиот да не може да се одбрани и секогаш да остане жигосан како непожелен во политиката.